Во време кога светот е опседнат со вештачката интелигенција и нејзиниот незапирлив подем, извршниот директор на Алфабет – матичната компанија на Гугл – испрати јасна и трезна порака: ВИ-индустријата можеби живее златни моменти, но ризиците растат паралелно со ентузијазмот.

Во разговор за Би-би-си Њуз, Сундар Пичаи го опиша сегашниот бум како „извонреден“, но не ги сокри и сомнежите – дел од огромниот оптимизам што владее околу ВИ е, според него, заснован на „ирационална“ динамика.

Последните месеци ја донесоа најголемата еуфорија што технолошкиот сектор ја памети. Компаниите што работат со вештачка интелигенција достигнаа рекордни вреднувања, инвестициите се слеваат со невидена брзина, а трката за доминација создава притисок што го чувствуваат и најмоќните играчи.

Но дали некој може да биде заштитен ако овој балон навистина пукне?
Пичаи не остава простор за илузии:

„Ниедна компанија нема да биде имуна – па ни Гугл“, вели тој.

Иако верува дека технолошкиот гигант има сила да ја издржи евентуалната корекција на пазарот, тој предупредува дека ударот ќе се почувствува низ целиот сектор.

Интервјуто, направено во седиштето на Гугл во Калифорнија, се фокусира и на други клучни теми – од огромните енергетски потреби на ВИ-моделите, преку забавеното исполнување на климатските цели, па сè до точноста на интелигентните системи и промените што ќе ги донесат на пазарот на трудот.

Контекстот во кој се дава ова предупредување е уште поважен: акциите на Алфабет се удвоија за само седум месеци и достигнаа вредност од 3,5 трилиони долари. Пазарот очигледно верува во способноста на компанијата да држи чекор – или да ја добие битката – со ОпенАИ и неговиот ЧетЏПТ.

Но растот не носи само самодоверба, туку и уште поголема одговорност. И, како што укажува Пичаи, можеби е време индустријата да застане, барем за момент, и да го погледне големиот слик – пред еуфоријата да ја надмине реалноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *