Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски, денес оствари значајна средба со високи претставници на јужнокорејската компанија Hyundai Corporation Holdings, меѓу кои беше и генералниот менаџер за Европа, Сунгву Хонг, како и почесниот конзул на Република Кореја, Иван Петровиќ, и финансискиот директор на Фила Група, Драган Илиевски. На средбата се дискутираше за можностите за инвестирање во рамките на ТИРЗ, потенцијалите што ги нудат зоните, предностите за странските инвеститори и механизмите за државна поддршка. Димовски посочи дека целта на Дирекцијата е да создаде уште поатрактивна и стабилна инвестициска клима, обезбедувајќи ефикасни административни процеси, предвидливо деловно опкружување и пристап до современа инфраструктура и високо квалификувана работна сила, со акцент на инвестиции кои ќе носат висока додадена вредност и долгорочни ефекти за економијата. Сунгву Хонг, претставник на Hyundai Corporation Holdings, изрази голем интерес за Македонија како потенцијална дестинација за проширување на производните капацитети, нагласувајќи ја важноста на развиената инфраструктура, квалификуваната работна сила и поволните услови за инвестиции. Тој потенцираше дека компанијата е во постојан процес на глобална експанзија и дека се заинтересирани за локации кои можат да понудат поддршка и стабилност за нови технолошки и производствени проекти. Иако Hyundai е најпознат како бренд поврзан со автомобилската, машинската и тешката индустрија, компанијата значително го прошири своето портфолио, вклучувајќи електроника, хардвер и иновативни технологии. Во моментов, нивниот асортиман вклучува домашни апарати, преносни генератори, индустриска и домашна опрема, осветлување и батерии, што отвора значителен потенцијал за технолошки развој и соработка со македонски компании. Со ова, Hyundai активно ја зголемува вредноста и препознатливоста на брендот на глобално ниво, а средбата со Димовски ја потенцира Македонија како атрактивна дестинација за странски инвестиции и развој на високотехнолошки индустрии. Post navigation Инвеститорите загрижени за можен „пукање на меурот“ и ненадеен пад на акциите Социјални амбиции и финансиски пазари: Што значи изборот на Мамдани за инвеститорите