Зголемувањето на терминот за дневна евтина тарифа на електричната енергија засега не е во план, соопштуваат од Регулаторната комисија за енергетика. Иако во јавноста сè почесто се зборува за можноста граѓаните да добијат повеќе часови евтина струја во текот на денот, надлежните велат дека во моментов нема економска оправданост за таков чекор. Според нив, ваквото проширување би можело да го наруши балансот во системот на тарифи и на крајот да се одрази негативно врз сметките на потрошувачите. Во моментов, Комисијата е во финална фаза на подготовка на новата цена на електричната енергија што ќе важи за домаќинствата од 1 јануари. Иако анализите сè уште траат, првичните информации укажуваат дека не се очекува значителна промена во цената, односно не се предвидува нејзино драстично зголемување. Според пазарните податоци, најниски цени на струјата на берзите вообичаено се бележат во периодот од 12 до 16 часот, додека највисоки се во вечерните часови – од 20 до 24 часот, особено во летниот период, кога побарувачката е повисока и цените знаат да пораснат и до четири пати. Од Регулаторната комисија велат дека постојано се анализираат навиките на граѓаните и нивната потрошувачка за да се утврди дали постои простор за евентуално менување на временската рамка на евтината тарифа. „Ние се обидуваме да го измериме користењето на дневната евтина тарифа во домаќинствата. Ако се додадат два дополнителни часа евтина струја преку ден, тоа мора да се компензира со зголемување на цената во некој друг дел од денот, најчесто во периодот од 22 до 24 часот. Затоа внимателно ги следиме навиките и анализираме каде домаќинствата имаат најголем бенефит“, велат од Комисијата. Пресметките досега покажуваат дека токму последните два часа од денот – од 22 до 24 часот – се периодот кога граѓаните најмногу користат електрична енергија. Оттука, ако евтината тарифа се укине во тој термин, а се префрли преку ден, сметките за струја би можеле да станат повисоки. Затоа, како што појаснуваат од Регулаторната, одлука за промени нема да се носи без длабока анализа и внимателна проценка на економските ефекти. Инаку, дневната евтина тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година поради енергетската криза која силно ја погоди државата, но веќе во декември 2023 година повторно беше воведена – од 13 до 15 часот. Ноќната евтина тарифа остана непроменета и важи од 22 часот навечер до 7 часот наутро, како и цел ден во недела. Историски гледано, вакви рестрикции и промени во тарифите имало и претходно. Во 2012 година, кога цените на струјата нагло пораснаа, властите ја воведоа мерката со цел да ги намалат трошоците на домаќинствата и зависноста од увоз. Интересен е и фактот што вакви поволности како дневна евтина тарифа постојат единствено во Македонија – ниту една друга земја во Европа нема сличен систем. Евтината тарифа првпат беше воведена уште во 1982 година, како стимул за порамномерна потрошувачка и подобро управување со енергетските ресурси. Денес, повеќе од четири децении подоцна, овој концепт сè уште претставува една од најголемите поволности што им стојат на располагање на македонските граѓани. Иако засега не се планира нејзино проширување, Регулаторната комисија нагласува дека анализите продолжуваат и дека сите идни промени ќе зависат од реалните пазарни движења и од навиките на потрошувачите. Post navigation Русија со амбициозна стратегија за ретки метали: Путин поставува рок за долгорочен развој до декември Македонскиот бренд Жито Лукс со зголемен извоз и план за нови иновации во производството