Речиси 20% од најмоќните и најбогатите луѓе на планетата живеат во само десет светски метрополи, покажуваат најновите податоци од платформата за глобална анализа на богатството „Altrata“.

Според извештајот, Њујорк останува убедливо на врвот со 21.380 жители чие лично богатство надминува 30 милиони долари, што претставува раст од над 23% во однос на минатата година. Овој град, како еден од најсилните финансиски центри, природно ги привлекува најбогатите поради огромниот број бизнис можности и развиениот финансиски сектор.

На второ место се наоѓа Хонг Конг, кој брои 17.215 ултрабогати жители и исто така бележи двоцифрен раст. Само во првата половина на 2025 година, вредноста на IPO-понудите на хонгконшката берза пораснала осум пати, пишуваат CNBC и Dealogic, што дополнително го зацврстува статусот на градот како финансиски магнет.

Во врвната група се и други финансиски центри – Токио и Лондон, но остатокот од првите десет градови е речиси целосно американски. Тоа не е изненадување ако се има предвид дека САД имаат повеќе од тројно поголема ултрабогата популација од Кина, стои во извештајот.

Иако најбогатите сочинуваат само 1% од светската милионерска популација, тие контролираат речиси една третина од вкупното глобално богатство. Во моментот има околу 510.810 ултрабогати лица, а „Altrata“ прогнозира пораст на речиси 677.000 до 2030 година.

Топ 10 градови со најмногу ултрабогати жители:

– Њујорк
– Хонг Конг
– Лос Анџелес
– Сан Франциско
– Чикаго
– Токио
– Лондон
– Далас
– Вашингтон
– Хјустон

(податоци: Altrata)


Според дополнителните анализи на Henley & Partners и New World Wealth, европската карта на богатството изгледа поинаку. Најголем број ултрабогати се концентрирани во Лондон, а по него следуваат Париз, Женева, Цирих, Милано и Франкфурт. Овие центри важат за јадро на европските финансии, банкарство, луксузни брендови и големи инвестициски фондови.


Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *