Холандскиот гигант „Heineken“ најави дека следната година очекува намалување на продажбата на пиво, повикувајќи се на се посложени макроекономски услови ширум светот, пренесува „Ројтерс“. Компанијата повторно ги коригираше своите прогнози за обемот, откако слично сценарио имаше и во претходниот квартал. Иако производителите на пиво со години се обидуваат да го надоместат падот на обемот преку повисоки цени, инвеститорите сè повеќе бараат раст во реалната продажба. Кај „Heineken“, притисокот е видлив – акциите на компанијата паднаа за повеќе од 8% во јули, откако беше соопштено дека годишните количини нема да растат, туку ќе останат на слично ниво. Сега, компанијата очекува „благ пад“ на обемот во 2025 година. Од пиварницата најавуваат и дека органскиот оперативен профит ќе биде на долната граница од досегашните проекции од 4% до 8%. Според собраните процени, аналитичарите веќе го очекувале таквиот исход. Главниот извршен директор, Долф ван ден Бринк, истакна дека глобалната економска нестабилност дополнително се засилила во третиот квартал. „Очекуваме побарувачката да се опорави со нормализирањето на условите,“ порача ван ден Бринк. Најсилен удар врз продажбата компанијата почувствувала во Латинска Америка и Европа, каде довербата кај потрошувачите е нарушена од трговски тензии, особено на пазарите како Бразил. Во Европа, дополнителен проблем претставувал и ценовниот спор со трговците на мало, поради кој „Heineken“ изгубил дел од пазарниот удел. Во третиот квартал е забележан пад на нето-добивката од 0,3%, што е нешто подобро од проекциите на аналитичарите кои предвидуваа минус од 0,8%. Како одговор на тешката состојба во индустријата, компанијата претходно најави реорганизација на своето седиште во Амстердам, што ќе опфати и кратење на околу 400 работни позиции од следната година. И покрај предизвиците, акциите на „Heineken“ од почетокот на годината бележат вкупен раст од 2,1%, наведува „Bloomberg“. Post navigation Дали би инвестирале во злато? Историски пад на Порше: милијарда во минус – нов скандал со стратегијата