Германската економија денес тешко би функционирала без работниците со имигрантско потекло. Според најновите податоци на Дестатис, 26 проценти од сите вработени во земјата се доселеници или деца на луѓе кои се преселиле во Германија по 1950 година. Статистичарите го темелат ова наодот врз минатогодишниот микропопис, кој претставува репрезентативна верзија на големиот попис. Во одредени сектори, зависноста од работна сила од странско потекло е уште поочигледна. Меѓу готвачите, дури тројца од пет работници се имигранти, а кај вработените во производството на храна тој удел достигнува 54 проценти. Слична слика може да се забележи и во угостителството, чистењето објекти, хотелскиот менаџмент, складирањето и курирските служби, каде голем број компании речиси и не би можеле да ја одржат својата работа без оваа група вработени. Надпросечно учество е забележано и во грижата за стари лица, како и во автомобилската индустрија, каде 32 проценти од вработените се од имигрантско потекло. Само овие два сектори заедно вработуваат повеќе од еден милион луѓе. Спротивно на тоа, имигрантите се значително помалку застапени во професии кои важат за критични и со недостиг од кадар, како што се итните служби, судството и земјоделството. Нивното учество е под просекот и во полицијата, образованието, јавната администрација и даночните институции, што укажува на тоа дека оваа група и понатаму поретко работи во државни и регулаторни системи. Податоците јасно ја откриваат двојната слика на германскиот пазар на труд. Од една страна, економијата е сè повеќе зависна од имигрантите во бројни сектори, а од друга страна, таа зависност најчесто се врзува за физички потешки и пониско платени професии. Дебатата за тоа дали Германија успева да ги интегрира имигрантите рамноправно, не само како работна сила туку и како дел од институциите и јавниот систем, очигледно допрва ќе се води. Post navigation Ние не сме молчелива генерација – само никој не нè прашуваше ништо Системот се тресе: Дали светот преминува на Биткоин?