Во Македонија се забележува нов феномен – занаетчиите повторно се вреднувани онака како што заслужуваат. Водостопци, плочкари, електричари и паркетари повеќе не се само „потребни раце“, туку вистински стратешки играчи на пазарот на трудот. Сè почесто се случува мајстор кој ја познава својата работа да наплати дневница што некогаш се сметаше за немислива, а за некои проекти таа лесно надминува 100 евра. Граѓаните веќе се навикнаа на тоа дека чекањето на квалификуван мајстор е неизбежно. Дури и за наједноставни поправки – замена на славина, лепење плочки или поставување паркет – се чека со недели. Иако работата не е сложена, цената ја диктира пазарот: оние што се мајстори на својата работа го знаат своето значење и не се плашат да ја наплатат соодветно. „Некогаш можеше да најдеш мајстор во секое маало, сега се бројат на прсти“, вели Зоран од Прилеп, кој веќе три недели чека плочкар за бања што е полузавршена. „Ми побараа 400 евра само за поставување, без материјал. А ако ми се брза – уште повеќе.“ Градежните експерти укажуваат дека недостигот на квалификувани занаетчии е особено изразен во внатрешноста на земјата. „Во Скопје сè уште има понуда, но во градовите како Пробиштип, Кавадарци, Битола или Кичево ваквите мајстори се вистински реткост. Дел од нив заминаа во странство, а младите ретко се одлучуваат за занаети“, објаснуваат експертите. Цените на занаетчиските услуги бележат сериозен раст последниве години. Денес, водоводџија зема од 50 до 80 евра за едноставна интервенција, а поголеми санации лесно достигнуваат и над 300 евра. Плочкарите и гипсарите заработуваат уште повеќе, а некои имаат работа буквално за цела година однапред, без ден одмор. Но, проблемот не е само во бројот на мајстори, туку и во квалитетот на работата. „Ми дојдоа тројца различни мајстори за еден ѕид, и секој го направи полошо од претходниот. На крај сам го доработував“, раскажува Илија од Штип. „Плаќаш по европски цени, а добиваш работа како да е од вчерашни ученици.“ Интересно е што овие занаети, кои пред две децении се сметаа за поевтини и недооценети, денес носат значајна заработка. Некои водоводџии и електричари кои работат приватно пријавуваат месечен приход до 2.000 евра. И повеќе не се во трка да заминат во странство. „Зошто да одам во Германија кога овде имам доволно работа и сум дома?“, вели еден електричар од Велес. Стручните училишта остануваат празни, а наставниците со години предупредуваат дека ако младите не се охрабрат да се запишуваат во занаетчиски насоки, наскоро нема да има кој да изврши ни наједноставни поправки. „Сите сакаат информатика, менаџмент или право. А на терен гледаме дека животот бара сосема други вештини“, додаваат упатените. Во меѓувреме, побарувачката само расте. И додека некогаш занаетчиите беа сметани за „поевтина рака“, денес тие во Македонија заработуваат речиси како своите колеги во Германија – со стабилна и висока плата, без да мора да ја менуваат адресата. Post navigation Санкциите на САД ја менуваат играта: Кинеските и индиските рафинерии го намалуваат увозот на руска нафта Страв за работните места: Германските компании на прагот на преселување