Пет земји од ЕУ бараат данок на екстрапрофитите на енергетските компании
Пет земји од Европската Унија бараат воведување на заеднички данок на екстрапрофитите на енергетските компании, како одговор на наглото поскапување на горивата предизвикано од војната со Иран. Во писмо испратено до Европска Комисија, министрите за финансии на Германија, Италија, Шпанија, Португалија и Австрија предлагаат мерката да се примени на ниво на целата Унија.
Според нив, ваквиот данок би овозможил финансирање на привремени мерки за помош на граѓаните, без дополнително оптоварување на државните буџети. Истовремено, тие сметаат дека тоа би испратило јасна порака дека компаниите кои остваруваат значителни добивки како последица на кризата треба да придонесат во ублажување на товарот врз населението.
Порастот на цените на нафтата и гасот започна по нападите врз Иран кон крајот на февруари, предизвикувајќи шок на пазарот сличен на енергетската криза што Европа ја доживеа по Руската инвазија врз Украина. И покрај напредокот во обновливите извори, континентот и понатаму е силно зависен од увоз на енергенси, што го прави чувствителен на глобални геополитички потреси.
Во писмото упатено до еврокомесарот за клима Вопке Хукстра, министрите укажуваат на искуството од 2022 година, кога Унијата воведе сличен механизам за оданочување на екстрапрофитите како дел од пакет мерки за стабилизација на пазарот. Тие повикуваат на брза реакција и развој на нов инструмент заснован на јасна правна основа.
Од Европска Комисија потврдија дека го разгледуваат предлогот и дека се во постојана координација со земјите-членки за можни насочени мерки за справување со актуелната енергетска криза. Засега не се откриваат детали за висината на данокот или за тоа кои компании би биле опфатени.
Предлогот, сепак, наиде на отпор од дел од индустријата. Германското здружение за гориво и енергија смета дека не е оправдано тврдењето дека компаниите остваруваат неоправдани профити, нагласувајќи дека приоритет е одржување на стабилно снабдување со гориво во сложени услови.
Енергетската нестабилност повторно ја става Европа во позиција на ранливост. Цените на гасот се зголемени за повеќе од 70 проценти од почетокот на конфликтот, а европските власти изразуваат особена загриженост за снабдувањето со рафинирани нафтени деривати како дизел и авионско гориво. Во такви услови, прашањето за фер распределба на товарот меѓу компаниите, државите и граѓаните повторно се наметнува како клучна тема во европската политика.