Нафтата над 110 долари: војната ја пали глобалната економија
Цените на нафтата повторно се во пораст откако се засилија тензиите на Блискиот Исток, поттикнати од најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за проширување на воените напади врз Иран. На меѓународните пазари, референтната нафта Брент ја надмина границата од 110 долари за барел, додека американската WTI се движи околу 113 долари, што ја одразува зголемената неизвесност околу снабдувањето.
Ескалацијата на конфликтот дополнително ја продлабочи кризата, откако Вашингтон најави можност за напади врз клучна иранска инфраструктура доколку Техеран не ги прифати поставените услови и не го отвори Стеснецот Ормуз. Иран ги одби барањата, а еден од најважните глобални транспортни коридори за нафта останува речиси затворен, со ограничен број бродови на кои им е дозволено да поминуваат.
Нарушувањата во снабдувањето веќе предизвикаа сериозен шок на пазарот, кој постепено се претвора во поширока енергетска криза. Порастот на цените на суровата нафта и дериватите го зголемува инфлаторниот притисок, ја успорува економската активност и создава дополнителен товар врз компаниите и домаќинствата ширум светот.
Во меѓувреме, OPEC+ предупреди дека штетите врз енергетската инфраструктура во регионот може да имаат долгорочни последици врз глобалното снабдување, дури и по завршувањето на конфликтот. Иако алијансата формално одобри скромно зголемување на производството, неговото влијание е ограничено во услови кога клучните извозни рути се нарушени.
Дополнителна неизвесност на пазарот создава и променливата реторика на американскиот претседател, кој истовремено испраќа пораки за можна брза деескалација, но и закани за нови напади. Инвеститорите внимателно ги следат најавените рокови и изјави, иако досегашното искуство покажува дека дел од нив не се реализираат во предвидениот временски период.
Контролата врз Ормуз останува централно прашање во конфликтот. Иран воспостави строг надзор врз теснецот, дозволувајќи премин само на одредени бродови од избрани земји. Иако Техеран најави одредени олеснувања за извозот на нафта од Ирак, неизвесноста останува, бидејќи транспортните компании се воздржани да влезат во високоризичната зона.
Состојбата на пазарот јасно покажува дека геополитичките фактори во моментов имаат пресудно влијание врз движењето на цените. Сè додека конфликтот продолжува и клучните транспортни правци остануваат ограничени, глобалниот енергетски пазар ќе се соочува со нестабилност и силни ценовни осцилации.