Индустриското производство во Македонија продолжува да бележи пад, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Во февруари годинава, индустријата забележа намалување од 4,2 проценти во споредба со истиот месец лани, што ја продолжува негативната тенденција забележана во претходните месеци. Најпогодени се секторите рударство и вадење камен, преработувачка индустрија и снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Во рударството падот изнесува 9,6 проценти, во преработувачката индустрија 1,9 проценти, додека секторот за енергија бележи најголемо опаѓање од 17,2 проценти. Посебно загрижува континуираното намалување во преработувачката индустрија, која долго време се сметаше за двигател на економскиот раст. Подетално, статистичарите истакнуваат дека најголемиот пад се бележи во производството на тутунски производи, текстил и облека, фармацевтски производи, гумени и пластични производи, како и метални производи, машини и мебел. Според главните индустриски групи, индустриското производство во февруари 2026 година, во споредба со февруари 2025 година, бележи опаѓање кај енергијата за 19 проценти, кај трајните производи за широка потрошувачка за 12 проценти и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за 6,9 проценти. Единствено интермедијарните производи, освен енергија, бележат скромен раст од 0,2 проценти, додека капиталните производи се зголемени за 2,1 процент. Во меѓувреме, се очекуваат ефектите од проектите финансирани со унгарски кредит, кои имаа за цел да ја зајакнат производната компонента на економијата. Приватниот сектор доби 250 милиони евра по поволни услови за враќање, со грејс период до три години и рок на отплата до 15 години, при максимален кредит од 10 милиони евра. За учество во програмата, компаниите требаше да обезбедат 20 проценти од вкупната инвестиција, со цел да се поттикне директна ангажираност и соработка на домашните производители во проектите. Сепак, засега нема видливи ефекти од овие инвестиции врз индустриското производство, а падот во различните сектори укажува на потребата од понатамошни мерки за поддршка на индустријата и стимулирање на растот во економијата. Post navigation Renault Clio и Opel Frontera меѓу победниците на Златно Тркало 2026 Кина го користи својот течен гас за да ги обликува глобалните пазари