Први април е ден кога светот си дозволува да биде нешто повеќе од секојдневието. Ден на шеги, маски и мали измами кои, барем на кратко, ни дозволуваат да излеземе од улогите што ги играме секој ден. Некој ќе облече костим на принц, друг ќе се пошегува со колега, трет ќе создаде мала илузија само за да предизвика насмевка. Но токму на денот кога свесно ставаме маски, најмалку размислуваме за оние што ги носиме постојано – невидливите, тивки маски што не ги соблекуваме кога ќе заврши денот. Во бизнис светот, тие маски често не само што се прифатени, туку и се наградени. Тие се дел од она што го нарекуваме „професионалност“, „корпоративна култура“ или „личен бренд“. Но ако се загледаме подлабоко, ќе видиме дека зад многу од тие улоги стојат стравови кои не се родиле во канцеларија, туку многу порано – во нашите први искуства со неуспех, критика или одбивање. Една од најраспространетите маски е онаа тивка, но моќна мисла: „Не сум доволно добар/а“. Таа ретко се појавува како очигледна несигурност. Напротив, често е скриена зад перфекционизам, прекумерна подготовка или потреба секогаш да се има контрола. Тоа е вработениот кој никогаш не се пријавува за унапредување бидејќи „уште не е време“, претприемачот кој со месеци ја одложува својата идеја чекајќи совршени услови, или менаџерот кој не делегира бидејќи верува дека никој друг нема да го направи доволно добро. На површината, овие однесувања изгледаат како дисциплина и одговорност. Но под нив се крие страв – од неуспех, од критика, од тоа да не бидеме разоткриени како „недоволни“. И токму тука започнува цената што ја плаќаме. Затоа што секоја маска, колку и да нè штити, има своја скриена цена. Во бизнисот, таа цена најчесто се мери во пропуштени можности, одложени одлуки и потенцијал што никогаш не се реализира. Кога не веруваме дека сме доволно добри, ние не преземаме иницијатива. Кога не преземаме иницијатива, не растеме. А кога не растеме, почнуваме да стагнираме, иако на прв поглед изгледа дека постојано сме зафатени. Така се создава еден тивок, но опасен циклус: работиме многу, но не напредуваме; се трудиме, но не сме задоволни; се движиме, но немаме чувство дека стигнуваме некаде. Со тек на време, ова води кон нешто што ретко се именува во деловниот свет – апатија. Не онаа очигледната, туку тивката, маскирана зад фрази како „се е во ред“, „таков е животот“ или „ќе биде подобро некогаш“. Но вистината е дека подобро не доаѓа само по себе, особено не додека продолжуваме да ги носиме истите невидливи маски. Она што ја прави оваа тема уште посложена е фактот што овие маски не се појавиле без причина. Тие најчесто се создадени како механизми за заштита. Некој бил критикуван премногу, некој бил споредуван, некој научил дека вреди само кога е „совршен“. И така, со тек на време, се формира една внатрешна програма која подоцна се пренесува во сите сфери од животот, вклучувајќи го и професионалниот. Проблемот не е во тоа што тие маски некогаш ни помогнале. Напротив, тие биле неопходни за да се адаптираме и да преживееме. Проблемот е што денес, во многу случаи, тие повеќе не ни служат – но ние сè уште ги носиме. Како тешки ланци на кои сме се навикнале толку многу што веќе не ни забележуваме дека се таму. Во современиот бизнис свет, кој бара креативност, автентичност и храброст, овие невидливи ограничувања стануваат сериозна пречка. Компаниите зборуваат за раст, за иновации, за лидерство, но вистинскиот раст не започнува со стратегија, туку со свесност. Со храброста да се постават прашања што ретко си ги поставуваме: дали одлуките што ги носам се водени од визија или од страв? Дали избегнувам нешто затоа што не е за мене – или затоа што не верувам во себе? Први април е симболичен потсетник дека маските можат да се стават – но и да се тргнат. Разликата е во тоа што оние шеговитите ги вадиме лесно, додека овие другите бараат свесна одлука. Бараат искреност кон себе и подготвеност да се соочиме со сопствените ограничувања. Можеби најголемиот ризик во бизнисот не е неуспехот, туку животот поминат во сигурност која е всушност ограничување. Во кариера што изгледа стабилна, но не носи исполнетост. Во одлуки кои се „безбедни“, но не се автентични. И затоа, вистинското прашање на овој 1 април не е кого ќе измамиме денес, туку колку долго ќе продолжиме да се измамуваме себеси. Бидејќи најголемата промена не доаѓа кога ќе станеме нешто друго, туку кога конечно ќе си дозволиме да бидеме тоа што навистина сме – без маска. Стојанова М. Post navigation Xpeng и Volkswagen го забрзуваат развојот на електрични возила со нова CEA архитектура Нафтата скокна над 100 долари по најавата на Трамп за нова ескалација со Иран