Иселувањето на младите веќе не е тренд, туку процес со сериозни економски и општествени последици. Со секој млад човек што ја напушта државата, Македонија губи многу повеќе од поединец. Губи образуван кадар, губи енергија, иновации, визија и капацитет за промени. Тоа е не само демографски, туку и економски удар што се чувствува сè посилно. Младите не се само иднината, тие се сегашноста што ја движи економијата. Тие се тие што отвораат бизниси, што ги дигитализираат институциите, што носат свежи идеи во застарени системи. Кога тие ќе заминат, остануваат празни училници, затворени дуќани и систем без двигатели. Пензискиот фонд се празни, здравствениот кадар се пренамалува, а приватниот сектор тешко доаѓа до квалификувани вработени. Голем број од овие млади заминуваат затоа што не гледаат перспектива. Не се чувствуваат валоризирано, ниту слушнато. Чекаат по шалтери, се судираат со партиски ѕидови, добиваат одговори како „нема сега“, „почекај“ и „не си ни прв ни последен“. Во таков амбиент, заминувањето не е каприц, туку рационална одлука. Државата вложува во нивното образование, понекогаш и по 10-15 години, а потоа ги губи за една виза. Тие стануваат даночни обврзници во некоја друга држава, додека овде нивниот потенцијал се сведува на статистика. Се создава еден парадокс: најголемите загуби ги трпи токму оној што најмногу вложил – државата. Во јавниот дискурс честопати се зборува за љубов кон татковината, за враќање, за должност. Но младите не може да се задржат со празни зборови. Ниту со патетика. Тие остануваат таму каде што чувствуваат дека има место за нив. Дека можат да се развиваат без да бидат понижувани, без да се молат, без да влечат врски за елементарни права. Ако не обезбедиме средина во која млад човек може да напредува, тој ќе бара друга. И таа друга ја наоѓа. И не само што заминува, туку носи со себе сè што би можел да му даде на овој систем. Секоја иновација, секој стартап, секој нов производ или услуга што никогаш нема да се случи овде – тоа е реалната загуба. Државите што ги губат младите не стареат само биолошки. Тие стареат ментално, институционално и економски. Ако ова продолжи, ќе останеме без критичка маса за реформи, без глас за промени, без оние кои се најхрабри да го срушат старото и да изградат ново. Затоа, борбата против иселувањето не е само демографска борба. Таа е борба за економски опстанок, за просперитет и за иднина што ќе постои тука – не на далечина. Aнгелов М. Post navigation Архитектурата како отпор: Урбана визија на младата генерација Ние не сме молчелива генерација – само никој не нè прашуваше ништо