April 20, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Голем договор во AI индустријата: Samsung ќе испорачува HBM4 за AMD

Samsung Electronics и Advanced Micro Devices постигнаа договор за соработка во развојот и снабдувањето со нова генерација мемориски и компјутерски технологии наменети за вештачка интелигенција, со што дополнително се интензивира трката на глобалниот пазар на чипови.

Според заедничкото соопштение, Samsung ќе биде главен снабдувач со најновата генерација high-bandwidth меморија, позната како HBM4, која ќе се користи во претстојните MI455X акцелератори на AMD наменети за корпоративни дата-центри. Овој тип на меморија игра клучна улога во обработката на големи количини податоци, што е суштинско за напредните AI системи.

Покрај тоа, јужнокорејската компанија ќе обезбедува и DDR5 мемориски чипови за системот Helios на AMD, кој се базира на новата архитектура со MI455X акцелератори и Venice процесори. Договорот бил формализиран во Пјонгтаек, во близина на Сеул, на средба меѓу извршниот директор на AMD, Лиса Су, и ко-извршниот директор на Samsung, Џун Јанг-хјун.

Соработката не завршува тука, бидејќи двете компании најавија дека ќе разгледуваат и можности за партнерство во областа на производството на чипови, што би можело дополнително да ја продлабочи нивната стратешка врска.

AMD во последните години се позиционира како најсериозен конкурент на Nvidia во сегментот на чипови за вештачка интелигенција. Компанијата изгради бизнис вреден милијарди долари, поттикнат од растечката побарувачка за AI решенија, но инвеститорите сè уште очекуваат појасни сигнали дека може да освои поголем дел од пазарот каде доминира Nvidia.

Samsung веќе има значајна улога како снабдувач на претходната генерација HBM3E меморија, која се користи во сегашните AMD акцелератори. Веста за новото партнерство позитивно се одрази и на пазарите, при што акциите на Samsung забележаа значителен раст во Сеул, достигнувајќи зголемување од речиси осум проценти пред официјалната објава.

Овој договор се смета за уште еден показател дека технолошките гиганти ја зајакнуваат соработката во трката за доминација во ерата на вештачката интелигенција, каде побарувачката за напредни чипови и инфраструктура продолжува да расте со забрзано темпо.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.