Г-7 размислува за ослободување на нафтени резерви поради војната на Блискиот Исток
Министрите за финансии на земјите од Г-7 денеска треба да одржат разговор на кој ќе се разгледува можноста за заедничко ослободување на нафтени резерви, откако војната на Блискиот Исток сериозно го наруши снабдувањето со енергенси и предизвика нагло зголемување на цените на светските пазари.
Иницијативата за разговорот ја покренала Франција, која во моментов претседава со Г-7. Според извори запознаени со подготовките, состанокот е закажан за попладневните часови по средноевропско време. Француската влада соопшти дека меѓу опциите што се разгледуваат е и користењето на стратешките резерви на нафта, но засега не е донесена конечна одлука.
Разговорите се одвиваат во време кога цените на нафтата нагло растат поради војната и нарушените енергетски текови од Персискиот Залив. Брент нафтата во понеделникот се искачи на речиси 120 долари за барел, значително повеќе во однос на нивото од околу 72 долари пред почетокот на конфликтот. Главната причина за растот е фактичкото затворање на Ормускиот теснец, низ кој вообичаено поминува голем дел од светскиот извоз на нафта од земјите од регионот.
Поради блокадата, дел од најголемите производители во Персискиот Залив се соочуваат со проблеми во транспортот и складирањето на суровата нафта. Некои земји, меѓу кои Обединетите Арапски Емирати и Ирак, веќе биле принудени да го намалат производството поради ограничените можности за складирање. Саудиска Арабија, пак, се обидува да пренасочи дел од испораките кон пристаништата на Црвеното Море за да го задржи снабдувањето на глобалниот пазар.
Веста дека земјите од Г-7 размислуваат за ослободување на резерви донекаде го смири растот на цените. По првичниот скок, цената на Брент нафтата се намали и се движеше околу 107 долари за барел во утринските часови на европските пазари.
Доколку се донесе одлука за координирано ослободување на резервите, тоа би било релативно редок потег. Во минатото вакви заеднички интервенции биле спроведени само неколку пати, меѓу кои и по руската инвазија врз Украина во 2022 година. Пред тоа, стратешките резерви биле користени поради нарушувања во снабдувањето од Либија, по ураганот Катрина и за време на Првата заливска војна.
Според извори блиски до разговорите, некои европски земји изразиле загриженост дека Соединетите Американски Држави би можеле да предложат и ублажување на санкциите кон руската нафта, во време кога руската економија покажува знаци на силен притисок. Американската администрација веќе дала одредени изземања кои ѝ дозволуваат на Индија да купува руска нафта што се наоѓа во танкери на море, а се споменува и можноста за дополнително олеснување на санкциите.
Според неофицијални проценки, некои американски претставници сметаат дека евентуалното заедничко ослободување би можело да опфати меѓу 300 и 400 милиони барели нафта. Тоа би претставувало приближно една четвртина до една третина од вкупните стратешки резерви на земјите кои учествуваат во системот, што изнесуваат околу 1,2 милијарди барели.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека во текот на неделата би можел да се одржи и разговор меѓу лидерите на земјите од Г-7 за да се разгледа пошироката енергетска ситуација.
Последиците од нарушеното снабдување веќе се чувствуваат во многу делови од светот. Во некои земји се појавуваат долги редици на бензинските станици, додека растот на цените на авионското гориво доведува до поскапување на авионските билети. Во Азија, каде многу рафинерии зависат од нафтата од Блискиот Исток, дел од компаниите веќе биле принудени да го намалат производството поради потешкотии во обезбедувањето алтернативни извори на снабдување.
Само неколку дена претходно, претставници на американската администрација и на Меѓународната агенција за енергија нагласуваа дека во тој момент не се размислува за ослободување на резервите. Тие посочуваа дека глобалниот пазар располага со доволни количини на нафта. Но брзото влошување на ситуацијата на Блискиот Исток повторно ја отвори дебатата дали интервенцијата со стратешки резерви може да помогне во стабилизирање на цените и на снабдувањето.