April 22, 2026

24 ПОГЛЕД

Информации што значат

Британски адвокат ја оживеа советската Ракета и ја претвори во луксузен часовничарски бренд

Поранешен британски адвокат ја оживеа руската часовничарска традиција и од речиси заборавена советска фабрика создаде луксузен бренд што денес повторно привлекува купувачи во Европа и Русија. Станува збор за Ракета, производител на часовници со долга историја која датира од советскиот период, а чија модерна трансформација ја предводи Дејвид Хендерсон-Стјуарт.

Кога првпат ја посетил фабриката во близина на Санкт Петербург, затекнал скромен погон со мал број вработени кои работеле во тешки услови и со застарена опрема. Иако немал претходно искуство во индустријата за часовници, неговиот интерес за советскиот дизајн и индустриското наследство го навел да види потенцијал во нешто што многумина го сметале за пропаднато претпријатие.

Хендерсон-Стјуарт претходно живеел и работел во повеќе европски земји, а по студиите на Оксфорд и Сорбона изградил правна кариера. Сепак, животот во Русија го задржал подолго од планираното, таму основал семејство и останал трајно поврзан со земјата. Во 2010 година, заедно со партнер, ја презема фабриката Ракета, со цел да ѝ даде нова насока.

Под негово раководство, брендот се пренасочил кон луксузниот сегмент, но задржал силна врска со советското индустриско наследство. Производството се темели на сопствени механички компоненти, што е реткост во денешната часовничарска индустрија. Во фабриката и денес работат над двесте луѓе кои рачно изработуваат мали делови како запчаници и пружини, додека други ги склопуваат часовниците во класичен процес.

Руските санкции воведени по војната во Украина дополнително влијаеле врз компанијата. Додека западните пазари станале ограничени, домашната побарувачка за производи со ознака „Произведено во Русија“ се зголемила. Ракета успеала да го искористи тој тренд и да го зајакне своето присуство на домашниот пазар, додека истовремено продолжила со ограничена продажба во странство.

Дополнителен импулс за брендот дошол кога рускиот претседател Владимир Путин бил виден како носи еден од нивните модели, што во јавноста било протолкувано како индиректна поддршка на домашната индустрија. Тоа придонело за зголемен интерес за одредени колекции и за зајакнување на препознатливоста на брендот.

Часовниците Ракета денес се продаваат по цени од околу неколку стотици до неколку илјади евра и се базираат на дизајни инспирирани од советската ера. Меѓу најпознатите модели е Бајконур, инспириран од вселенската програма, како и серијата со специфични механизми каде стрелките се движат во обратен правец, што станало нивен заштитен знак.

И покрај сите историски и политички промени, фабриката во Санкт Петербург продолжува да функционира, а дел од вработените кои работат таму со децении велат дека најголемата вредност е во тоа што традицијата на рачно производство не е изгубена. За нив, Ракета претставува не само бренд, туку и континуитет на една индустриска ера која успеала да преживее во нови економски услови.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Copyright © All rights reserved. | Newsphere by AF themes.