Саудиската компанија за вештачка интелигенција Humain инвестира 3 милијарди долари во xAI, дополнително зацврстувајќи ги врските меѓу Elon Musk и Саудиска Арабија во време кога кралството амбициозно се позиционира како глобален центар за развој на ВИ.

Инвестицијата е дел од финансирањето од 20 милијарди долари што xAI го обезбеди непосредно пред да биде преземена од вселенската компанија SpaceX. Со трансакцијата, Humain станува значаен малцински акционер во xAI, а својот удел ќе го конвертира во акции на SpaceX, што според проценките значи околу 0,24% сопственост во новоформираната компанија, чија вредност се проценува на околу 1,25 трилиони долари.

Договорот претставува нов чекор во продлабочувањето на соработката меѓу Маск и Ријад, кој ја постави вештачката интелигенција во центарот на стратегијата за диверзификација на економијата и намалување на зависноста од нафтата. Humain е основана во 2025 година со поддршка од саудискиот државен инвестициски фонд Public Investment Fund и веќе агресивно инвестира во инфраструктура и компјутерски капацитети потребни за развој и примена на ВИ модели.

За xAI, која стои зад чет-ботот Grok и е поврзана со социјалната мрежа X, партнерството носи и потенцијален сигурен клиент. Grok сè уште заостанува зад OpenAI и неговиот ChatGPT по ниво на користење, додека xAI досега се потпираше претежно на договори со владини институции и компании поврзани со Маск, како што се Tesla и SpaceX.

Минатата година Humain и xAI најавија изградба на центар за податоци со капацитет од 500 мегавати во Саудиска Арабија, како и планови за поширока примена на моделите Grok во земјата.

Во поширок контекст, суверените фондови од земјите од Заливот – меѓу кои и Катар и Обединетите Арапски Емирати – управуваат со повеќе од 4 трилиони долари и сè поагресивно вложуваат во секторот на вештачка интелигенција. Така, Qatar Investment Authority неодамна инвестираше во Anthropic, додека инвестицискиот фонд MGX од Абу Даби беше меѓу водечките инвеститори во последната рунда финансирање на истата компанија.

Со ваквите потези, земјите од Заливот се наметнуваат како клучни играчи во глобалната трка за доминација во вештачката интелигенција – индустрија што се очекува драматично да ги трансформира економиите и секојдневниот живот во наредните децении.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *