Ford ја освежи понудата на Kuga за 2026 година во Европа, при што најзначајната новина е воведувањето на системот BlueCruise, кој овозможува возење без раце на одредени автопати. Додека американскиот Escape постепено се повлекува, европската Kuga продолжува да се унапредува со нови технологии и системи за асистенција.

Иако моделот е на пазарот од 2019 година, а дизајнерското освежување пристигна во 2024, за 2026 не се направени поголеми визуелни измени. Понатаму се нудат спортските ST-Line изведби со подинамичен изглед, како и Active варијантите со понагласени заштитни детали.

Фокусот овојпат е ставен на напредните асистенции. BlueCruise е систем од второ ниво на автономија кој може самостојно да управува со воланот, забрзувањето и сопирањето, но бара возачот постојано да го следи сообраќајот. Вградената инфрацрвена камера проверува дали вниманието е насочено кон патот. Технологијата функционира на однапред мапирани автопатски делници, кои според Ford опфаќаат најголем дел од автопатската мрежа во 16 европски земји.

Системот е дел од пакетот Driver Assistance Pack и доаѓа сериски во повисоките ST-Line X и Active X верзии, додека кај Titanium и основниот ST-Line се нуди како опција. Клиентите ќе можат да го користат преку еднократна уплата или преку претплатнички модел, со вклучен пробен период од три месеци.

Во кабината нема поголеми промени. Дигиталниот инструмент панел од 12,3 инчи и централниот екран од 13,2 инчи со SYNC 4 инфозабавниот систем остануваат дел од стандардната опрема. Понудата на погони исто така се задржува, со целосен хибрид базиран на 2,5-литарски мотор достапен со погон на предни или на сите тркала, како и plug-in хибридна верзија со вкупна моќност од 240 коњски сили.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *