Американскиот технолошки гигант Амазон најави драстично зголемување на инвестициите во вештачка интелигенција и инфраструктура, потег што ја потврдува намерата на компанијата агресивно да го зацврсти своето место во трката за технолошка доминација. При објавувањето на годишните финансиски резултати, од компанијата соопштија дека во текот на оваа година планираат инвестиции од околу 200 милијарди долари, значително повеќе од ланските 125 милијарди, при што најголемиот дел од средствата ќе биде насочен кон развој на вештачката интелигенција.

Иако станува збор за историски висок износ, пазарот реагираше резервирано. Акциите на Амазон забележаа пад од над 11 проценти, што укажува на растечката загриженост кај инвеститорите околу одржливоста и повратот на ваквите вложувања. Овој потег доаѓа во период кога најголемите технолошки компании во светот – Амазон, Мета, Гугл и Мајкрософт – заедно планираат инвестиции од околу 650 милијарди долари во вештачка интелигенција и сродни проекти во текот на оваа година. Само обемот на тие инвестиции ја надминува економската продукција на бројни држави и, според анализите на Би-Би-Си, е повеќе од двојно поголем од годишниот БДП на Перу.

Од Амазон соопштија дека средствата ќе бидат распределени во повеќе технолошки области, меѓу кои вештачка интелигенција, развој на чипови, роботика и сателитски системи во ниска Земјина орбита. Сепак, извршниот директор Енди Џеси јасно стави до знаење дека вештачката интелигенција е во срцето на инвестициската стратегија. Во разговор со финансиски аналитичари, Џеси оцени дека станува збор за исклучителна можност со долгорочен потенцијал и изрази уверување дека секое корисничко искуство што денес постои ќе биде темелно променето од примената на ВИ технологиите. Според него, токму поради тоа, компанијата нема намера да штеди кога станува збор за овие вложувања.

Амбициозните планови на Амазон се реализираат во атмосфера на сè погласни предупредувања за можен меур на пазарот на вештачка интелигенција. Банката на Англија уште во декември укажа дека високите проценки на технолошките компании може да се соочат со остра корекција, споредувајќи ја моменталната состојба со периодот пред пукањето на дот-ком меурот. Слични сигнали доаѓаат и од корпоративниот сектор. Извршниот директор на Циско, Чак Робинс, во изјава за Би-Би-Си оцени дека вештачката интелигенција ќе има поголемо влијание дури и од интернетот, но предупреди дека транзицијата нема да биде безболна и дека дел од компаниите нема да преживеат. Претпазлив став изрази и првиот човек на ЏП Морган Чејс, Џејми Дајмон, кој оцени дека значителен дел од средствата вложени во ВИ веројатно нема да донесат очекуван поврат.

Во исто време, Амазон сигнализира дека ќе продолжи со рационализација на трошоците. Финансискиот директор Брајан Олсавски изјави дека компанијата разгледува намалувања во одредени сегменти за да обезбеди простор за зголемените инвестиции. Само во последните месеци, Амазон отпушти околу 30.000 вработени, откако претходно веќе спроведе серија кратења на работни места.

Слична стратегија усвојуваат и другите технолошки гиганти. Извршниот директор на Мета, Марк Цукерберг, најави дека компанијата ќе инвестира до 135 милијарди долари оваа година, речиси двојно повеќе од претходниот период. Фокусот е ставен на обука на сопствени модели на вештачка интелигенција, изградба на центри за податоци и набавка на специјализирани чипови. Цукерберг посочи дека зголемената употреба на ВИ веќе го менува начинот на работа, при што за сложени проекти се потребни помалку луѓе, и оцени дека 2026 година ќе биде пресвртна точка за трансформацијата на работните процеси.

Гугл, пак, оди чекор подалеку. Извршниот директор Сундар Пичаи најави дека компанијата ќе ги зголеми капиталните трошоци на околу 185 милијарди долари, со силен акцент на проширување на техничката инфраструктура поврзана со вештачката интелигенција, вклучувајќи сервери и големи центри за податоци. Со тоа, технолошката трка за доминација во ВИ влегува во фаза на досега невидени вложувања, со потенцијал да го преобликува целиот глобален економски пејзаж.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *