Протекувањето на нацрт-законот за Индустриско забрзување на Европската унија (Industrial Acceleration Act – IAA) отвори сериозна дебата во Брисел и меѓу инвеститорската заедница, бидејќи документот навестува значително заострување на правилата за странските директни инвестиции во стратешките сектори во развој. Предложените мерки поставуваат висока граница за учество на странски капитал и сигнализираат можно напуштање на досегашниот либерален пристап на ЕУ кон странските инвестиции. Според информации објавени од FDi Intelligence, IAA претставува една од клучните реформи на Европската комисија насочени кон забрзување на декарбонизацијата, јакнење на индустриското производство и зголемување на технолошката автономија на Унијата. Иако законот сè уште се финализира, протечениот документ укажува дека Комисијата е подготвена да преземе досега невидени чекори, користејќи ги странските директни инвестиции како инструмент за градење локален индустриски капацитет, отворање работни места и зголемување на конкурентноста на европската економија. Една од најконтроверзните одредби предвидува ограничување на странската сопственост на максимум 49 проценти во одредени „клучни стратешки сектори во развој“. Ова значи дека компаниите надвор од Европската унија би можеле да инвестираат само преку заеднички вложувања со европски партнери, кои мора да имаат најмалку 51 процент сопственички удел. Таквиот пристап, според експертите, претставува јасен сигнал за промена на парадигмата во индустриската и инвестициската политика на Унијата. Како што оценува Андре Волф, раководител за технологија, инфраструктура и индустриски развој во Центарот за европска политика, широкиот и строг сет на критериуми за одобрување на странските инвестиции укажува дека ЕУ се оддалечува од досегашниот модел на отвореност и се движи кон поинтервенционистички пристап. Сличен став изразува и Леонард фон Румел, партнер во адвокатската канцеларија „Бломштајн“ во Берлин и Брисел, кој оценува дека ваквите правила би претставувале радикална промена во политиката на Унијата. Според нацрт-законот, ограничувањата би се применувале на гринфилд инвестиции во вредност од 100 милиони евра и повеќе во сектори кои засега не се прецизно дефинирани, но се опишани како клучни и стратешки за идниот развој на ЕУ. Дополнително, странските инвеститори би биле обврзани да лиценцираат интелектуална сопственост, да споделуваат технолошко знаење со локалните партнери и да обезбедат дека секоја новосоздадена интелектуална сопственост останува во рамки на Унијата. Овие одредби надоврзуваат на претходните сигнали од Европската комисија, која уште во декември најави дека одредени инвестиции ќе бидат условени со трансфер на технологија. Индустрискиот акционен план на ЕУ, објавен во март минатата година, веќе воведе ограничувања за странските производители на батерии во пристапот до субвенции, дозволувајќи учество само на компании кои активно споделуваат знаење и вештини. Сепак, според фон Румел, предлозите во рамки на IAA одат чекор понатаму и претставуваат значително мешање во начинот на кој компаниите досега работеа во Европската унија. Нацрт-законот предвидува и дополнителни обврски за проектите финансирани од странски капитал. Компаниите би морале да издвојуваат најмалку еден процент од приходите за истражување и развој во ЕУ, додека најмалку половина од влезните материјали за производите што се продаваат на европскиот пазар мора да бидат произведени во рамки на Унијата. Истовремено, најмалку 50 проценти од вработените во овие компании би морале да бидат граѓани на ЕУ, што ја отсликува загриженоста на Брисел за случаи како оној со кинескиот производител на батерии CATL, кој, според извештаите, донел околу 2.000 кинески работници за изградба и развој на фабрика вредна 4,1 милијарди евра во Шпанија. Иако Кина често се споменува како главна цел на новите ограничувања, предложените мерки предизвикаа споредби токму со кинескиот модел на привлекување странски инвестиции. Кина со години го отвора својот пазар за странски компании под услов тие да придонесат за развој на локалната индустрија и трансфер на технологии. Според Волф, иронијата е во тоа што ЕУ сега предлага мерки кои наликуваат на стратегијата што претходно жестоко ја критикуваше. Секторите што би биле опфатени со IAA не се детално наведени во протечениот документ, но се спомнуваат енергетски интензивните индустрии, чистите технологии и синџирите на снабдување поврзани со електричните возила. Според експертите, токму дефинирањето и категоризацијата на овие сектори ќе биде една од најконтроверзните точки во претстојните преговори. IAA, исто така, има за цел да ги прошири овластувањата на Европската комисија во областа на странските директни инвестиции, кои традиционално се во надлежност на земјите-членки. Иако националните влади би продолжиле да одлучуваат дали одредена инвестиција ги исполнува критериумите, Комисијата би можела да преземе водечка улога кај проекти со висок степен на иновации, голема капитална вредност или значително прекугранично влијание. Овој нов механизам дополнително ја зголеми неизвесноста кај правните и инвестициските советници. Според фон Румел, во суштина станува збор за нов режим на проверка, кој би постоел паралелно со веќе воспоставените национални механизми за контрола на странските инвестиции од аспект на националната безбедност. Предлогот за Индустриско забрзување ќе мора да помине низ сложен законодавен процес и да добие одобрување од Советот на ЕУ и Европскиот парламент. Според Томас Влостовски, управувачки партнер на консултантската компанија „EU Strategy“ од Брисел, одредбите поврзани со странските директни инвестиции најверојатно ќе наидат на силен отпор од застапниците на слободната трговија и мултинационалните корпорации, поради што е веројатно тие да бидат ублажени уште пред конечниот предлог да биде објавен, како и во текот на законодавната процедура. Post navigation Евростат: Мало намалување на невработеноста во Еврозоната во декември BYD под притисок: Пад на продажбата и производство и покрај експанзијата во странство