На прв поглед, автомобилските трки и медицината немаат многу заедничко. Во едниот свет се води борба за секунди и победи, додека во другиот секоја одлука може да значи разлика меѓу животот и смртта. Сепак, токму Formula 1 помогна да се подобрат медицинските процедури во некои од најпознатите болници во светот, покажувајќи дека добрата организација понекогаш е подеднакво важна како и најсовремената технологија. Приказната започнала во 2001 година, за време на Големата награда на Шпанија, кога механичарите на McLaren за само седум секунди успеале да го наполнат резервоарот со гориво, да ги заменат гумите и да му ги пренесат потребните информации на возачот. За тимовите во Formula 1 тоа била вообичаена процедура, но за група британски лекари претставувала инспирација што подоцна ќе го промени начинот на работа во операционите сали. Во лондонската детска болница Great Ormond Street, хирургот Мартин Елиот и неговите колеги ја следеле трката по завршувањето на сложена операција на дете. Она што им го привлекло вниманието не била брзината на автомобилите, туку неверојатната координација на механичарите. Секој точно знаел каде треба да стои, која задача треба да ја изврши и во кој момент треба да реагира. Лекарите сфатиле дека сличен пристап може да биде корисен и при префрлањето пациенти од операционата сала на одделението за интензивна нега. Тоа е особено чувствителен момент, бидејќи пациентот преминува од еден медицински тим кај друг, а секој пропуштен податок или недоразбирање може да предизвика сериозни последици. За подобро да го разберат системот, британските специјалисти ја посетиле фабриката на Ferrari во Маранело, каде што ги проучувале подготовките и организацијата на работата во боксот. Наместо да бараат нови медицински инструменти, тие се концентрирале на распределбата на задачите, комуникацијата меѓу членовите на тимот и начинот на кој се спречуваат грешките под временски притисок. По посетата биле воведени јасно утврдени процедури, контролни списоци и прецизно поделени одговорности. Медицинските тимови започнале редовно да ги вежбаат постапките и да ги анализираат пропустите, со цел секое следно предавање на пациент да биде побезбедно и поефикасно. Резултатите не останале само на теоретско ниво. Истражување спроведено од болницата Great Ormond Street и Универзитетот во Оксфорд, објавено во 2007 година, покажало намалување на техничките грешки, подобра размена на информации и пократко време потребно за префрлање на пациентите. Така, организациските принципи преземени од автомобилските трки добиле практична примена во здравството. Овој успех поттикнал и други медицински установи да побараат помош од експертите во Formula 1. Пред околу петнаесет години, тимот Williams започнал соработка со Универзитетската болница во Велс, насочена кон подобрување на процедурите за реанимација на новороденчиња. Анализата на снимките од медицинските интервенции открила дека драгоцено време понекогаш се губело поради недоволно јасни задолженија, истовремено зборување на повеќе членови од тимот и несоодветно поставена опрема. Решението не било во купување поскапи апарати, туку во подобра подготовка и организација на работниот простор. Со прецизно определување на улогите, подобар распоред на инструментите и редовни анализи по интервенциите, медицинските тимови добиле можност побрзо и посигурно да реагираат. Дополнително, бил поттикнат пристап во кој и помладите лекари можат слободно да предупредат на потенцијален проблем, без страв дека ќе бидат обвинети за грешка. Соработката меѓу автомобилската индустрија и медицината довела и до развој на специјализирана опрема. Williams Advanced Engineering, заедно со Advanced Healthcare Technology, учествувал во создавањето на Baby Pod, посебна транспортна носилка за новороденчиња изработена од јаглеродни влакна. Овој уред е конструиран да обезбеди дополнителна заштита при транспорт, со конструкција проектирана да издржи оптоварување до 20 пати поголемо од Земјиното забрзување. Технологијата на лесни и издржливи материјали, развивана за потребите на автомобилските трки, на тој начин нашла примена во безбедниот превоз на најмладите пациенти. Принципите на Formula 1 денес се користат и надвор од болничките установи. Еден од поновите примери е соработката со хеликоптерската итна медицинска служба Air Ambulance Cornwall, каде што подобрената организација овозможила значително скратување на времето потребно за полетување. Благодарение на однапред подготвената опрема, појасната комуникација и подобро распределените задолженија, времето за реакција било намалено од пет на три и пол минути. Разликата од 90 секунди можеби изгледа мала, но при тешки сообраќајни несреќи или други итни случаи може да има огромно значење за повредените. Овие примери покажуваат дека медицинскиот напредок не мора секогаш да биде поврзан со откривање нов лек, изградба на поскапа болница или набавка на најсовремена опрема. Понекогаш најголемите подобрувања произлегуваат од поинаков начин на размислување и преземање успешни практики од сосема друга индустрија. Formula 1 не ги научила лекарите како да оперираат или да лекуваат пациенти, но им помогнала подобро да го организираат процесот во кој тие знаења се применуваат. Јасната комуникација, дисциплината, однапред определените задачи и постојаното учење од грешките се покажале како принципи што можат да бидат корисни и на тркачката патека и во болничката сала. Дваесет и пет години по застанувањето на McLaren во боксот што го привлекло вниманието на британските хирурзи, идејата продолжува да се применува во различни области на здравството. Она што некогаш служело за освојување неколку секунди предност на тркачката патека, денес помага во ситуации во кои секоја секунда може да спаси човечки живот. Навигација на напис Автомобилот на кралицата Елизабета II на аукција: Bentley може да достигне цена од 450.000 евра Еуфоријата околу Labubu стивнува: Основачот изгуби речиси 6 милијарди долари