Кога се избира дестинација за кратко градско патување, хотелот, цените и знаменитостите обично се меѓу првите работи што ги проверуваат туристите. Но постои уште еден фактор што може значително да го промени целото искуство – колку лесно градот може да се истражува пеш.

Ново рангирање на Skyscanner ги издвојува градовите што нудат особено добри услови за пешачење, при што европските дестинации имаат убедливо присуство. Од десетте најдобро рангирани градови, седум се наоѓаат во Европа, додека останатите три се во Јапонија и Канада.

При составувањето на индексот биле анализирани 14 различни фактори. Меѓу нив се растојанието меѓу главните туристички атракции, просечната надморска височина, квалитетот на воздухот и безбедноста. Во пресметката биле земени предвид и густината на населението, бројот на патеки за пешачење во градот и неговата околина, како и бројот на знаменитости што посетителите можат да ги разгледаат.

На првото место се најде Кордоба во Шпанија, пред јапонските градови Нагасаки и Хирошима. Четвртото место му припадна на Реџо Калабрија во Италија, а веднаш зад него е Монте Карло во Монако. Следуваат Тарту во Естонија, Бурса во Турција, Болцано во Италија и Сараево во Босна и Херцеговина, додека десеттото место го зазема Викторија во канадската провинција Британска Колумбија.

Шпанска Кордоба се издвојува како најдобрата дестинација меѓу анализираните градови. Сместена во Андалузија, таа има богато историско наследство создавано во различни периоди, од римското минато до времето кога градот бил едно од значајните исламски средишта.

Меѓу неговите најпознати знаменитости е џамијата-катедрала Ла Мескита, но туристите пеш можат да го истражуваат и стариот дел на градот, кој се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО. Тука се и Паласио де Вијана, еврејскиот кварт Ла Худерија и Алкасар де лос Рејес Кристијанос.

Една од најголемите предности на Кордоба е близината на главните атракции. Според податоците користени во рангирањето, потребни се само околу 26 минути пешачење за да се помине меѓу клучните знаменитости. Во градот и неговата околина има и 29 патеки погодни за пешачко истражување.

Италија има два претставника меѓу десетте најдобри. Реџо Калабрија, кој се најде на четвртата позиција, често останува во сенка на попознатите италијански туристички центри, но според ова рангирање токму неговата компактност е голема предност.

Градот се наоѓа на југот на Италија и од Сицилија е одделен со Месинскиот Теснец. Покрај плажите и погледот кон Етна, посетителите можат релативно лесно да ги поврзат главните градски атракции. За нивно пешачко обиколување се потребни околу 25 минути.

Петтото место го зазема Монте Карло. Иако е познат по луксузните продавници, пристаништето и гламурозниот начин на живот, неговите димензии овозможуваат голем дел од познатите места да се посетат пеш.

Меѓу нив се Океанографскиот музеј на Монако, познатото казино во Монте Карло и колекцијата автомобили на принцот од Монако. Пешачењето овозможува и поглед кон морето од улицата Rue des Remparts. Сепак, посетителите треба да имаат предвид дека теренот не е насекаде лесен, бидејќи дел од улиците се прилично стрмни.

На шестото место е Тарту, вториот најголем град во Естонија и Европска престолнина на културата во 2024 година. Иако е помалку познат на масовниот туристички пазар, градот се издвојува со парковите, уличната уметност и шеталиштата покрај реката.

Тарту во ова рангирање го има и најниското ниво на загадување на воздухот меѓу анализираните дестинации. Меѓу местата што можат да се посетат се Естонскиот национален музеј, плоштадот пред градското собрание и Ботаничката градина на Универзитетот во Тарту.

Бурса е седма на листата. Градот во северозападниот дел на Турција е голем индустриски центар, но истовремено располага со значајно историско наследство. Како прва престолнина на Отоманската Империја, Бурса има бројни траги од тој период, а позната е и по минералните извори што биле користени уште во римско и византиско време.

Посетителите можат да ги истражуваат базарите, историските делови и природните знаменитости, а според податоците на Skyscanner, за пешачко поврзување на главните атракции е потребен приближно еден час.

Уште еден италијански град високо на листата е Болцано. Познат како „Врата кон Доломитите“, градот се наоѓа во долина опкружена со ридови и лозја и е главен град на покраината Јужен Тирол.

За приближно еден час пеш може да се поврзат некои од неговите главни знаменитости, меѓу кои плоштадот Валтер, улицата Виа деи Портичи и Археолошкиот музеј на Јужен Тирол. Особена предност е големиот број можности за пешачење – во градот и околината се наведуваат 505 патеки. Болцано воедно е оценет и како најбезбедниот град во ова рангирање.

На деветтото место се најде Сараево, единствениот град од непосредниот регион што влегува меѓу првите десет. Главниот град на Босна и Херцеговина нуди комбинација од историски знаменитости, разновидна архитектура и природен пејзаж создаден од неговата положба покрај реката Миљацка и околните Динарски Планини.

Голем дел од Сараево може да се запознае токму пеш. Посетителите можат да прошетаат низ Башчаршија, да стигнат до Латинскиот мост и градското собрание, но и да посетат музеи посветени на поновата историја на земјата, меѓу кои Музејот на злосторствата против човештвото и геноцидот и Музејот на военото детство.

Фактот што седум европски градови влегуваат меѓу десетте најдобри покажува дека Европа останува особено погодна за туристите што сакаат дестинацијата да ја откриваат пеш. Компактните историски центри и релативно малите растојанија меѓу знаменитостите им овозможуваат на посетителите голем дел од патувањето да го поминат без автомобил или друг вид превоз.

Интересно е и тоа што на врвот не доминираат најпознатите туристички метрополи. Наместо градови како Берлин и други класични европски дестинации, високо се позиционирани Кордоба, Реџо Калабрија, Тарту и Болцано.

Токму тоа е една од главните пораки на рангирањето – добар град за туристичко истражување не мора да биде најголемиот или најпознатиот. Понекогаш најдоброто патување е она во кое автомобилот останува паркиран, а градот се открива чекор по чекор.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *