Децении наназад средниот менаџмент беше еден од најважните слоеви во големите компании. Менаџерите ги координираа тимовите, подготвуваа извештаи, ги следеа резултатите и ги претвораа одлуките на раководството во конкретни задачи. Но со брзиот развој на вештачката интелигенција, токму овие работни места сè почесто се наоѓаат под притисок.

Големите корпорации почнаа да ги поедноставуваат своите организациски структури, да ги намалуваат менаџерските нивоа и дел од координацијата да им ја препуштаат на системите со вештачка интелигенција. Резултатот е нов тренд кој веќе доби свое име – „големо израмнување“ на корпоративната пирамида.

Еден од поновите примери е „Убер“, кој на почетокот на септември отпуштил околу 3.300 вработени, што претставува приближно една десетина од работната сила на компанијата. Значителен дел од кратењата биле насочени кон средниот менаџмент.

Извршниот директор Дара Косровшахи во интерен меморандум објаснил дека компанијата сака да отстрани дел од организациските слоеви, да ја поедностави структурата на тимовите и да ги насочи луѓето и инвестициите кон областите во кои гледа најголеми можности.

Но „Убер“ не е изолиран случај.

„Амазон“ претходно укинал 14.000 корпоративни позиции, со образложение дека сака да ја намали бирократијата и да отстрани дел од организациските нивоа. „Мета“ отпуштила околу 8.000 луѓе и најавила преструктуирање во кое вештачката интелигенција треба да има многу поголема улога.

Компанијата „Блок“ отпуштила 4.000 вработени, додека извршниот директор на „Клаудфлер“, Метју Принс, по намалувањето на бројот на вработени порача дека компанијата сака да ги задржи луѓето што создаваат, наместо оние чија главна задача е да го мерат она што го создаваат другите.

Зад ваквите одлуки стои релативно едноставна деловна логика. Голем дел од традиционалната работа на средниот менаџер се состои од собирање и пренесување информации, распределување задачи, следење рокови, изработка на извештаи и координација меѓу различни делови од компанијата.

Тоа се токму задачите кај кои современите системи со вештачка интелигенција стануваат сè поспособни.

Компаниите затоа почнуваат да се прашуваат дали им се потребни ист број менаџерски нивоа како порано или дел од административната и координативната работа може да се автоматизира.

Податоците покажуваат дека промената веќе е поширока од неколку големи технолошки компании.

Во истражување на консултантската компанија „Корн Фери“, спроведено меѓу 15.000 професионалци во десет земји, 41 процент од испитаниците изјавиле дека нивната компанија во текот на претходната година отстранила одредени менаџерски нивоа.

Друга анализа, изработена од „Лајв Дата Технолоџис“ за „Волстрит журнал“, покажува дека бројот на менаџери во американските компании чии акции се тргуваат на берза се намалил за 6,1 процент во периодот од мај 2022 до мај 2025 година.

Уште во 2024 година, „Гартнер“ прогнозираше дека до крајот на 2026 година околу една петтина од организациите би можеле, со помош на вештачката интелигенција, да укинат повеќе од половина од позициите во средниот менаџмент.

Сепак, отстранувањето на менаџерот не значи дека исчезнува и работата што претходно ја извршувал.

Токму тука почнува да се појавува другата страна на корпоративното „израмнување“. Помал број менаџери сега треба да управуваат со поголеми тимови, а дел од секојдневните обврски на отпуштените раководители се префрлаат врз оние што останале.

Според извештајот на „Галуп“ за глобалното работно место за 2026 година, просечниот менаџер сега раководи со 12,1 вработен. Само една година претходно бројката изнесувала 10,9, додека во 2013 година, кога „Галуп“ почнал да го следи овој показател, просекот бил 8,2 вработени.

Истовремено, ангажираноста на менаџерите бележи значителен пад. Од 31 процент во 2022 година, таа се намалила на 22 проценти во 2025 година, додека кај останатите вработени промените биле многу помали.

Како една од причините се посочуваат токму поголемите тимови и намалувањето на бројот на менаџерски позиции.

Последиците, меѓутоа, не ги чувствуваат само раководителите што останале во компаниите.

Истражувањето на „Корн Фери“ покажува дека 37 проценти од вработените кои останале без непосреден менаџер чувствуваат дека немаат доволно јасна насока. Дополнителни 43 проценти сметаат дека раководството повеќе не е доволно усогласено.

Притисокот се пренесува и кон повисоките нивоа на корпоративната хиерархија. Дури 72 проценти од високите раководители опфатени со истражувањето признале дека чувствуваат стрес бидејќи преземаат дел од секојдневните задачи што претходно ги извршувале менаџерите под нив.

Тоа отвора прашање дали компаниите со намалувањето на менаџерските структури навистина стануваат поефикасни или само ја распределуваат истата количина работа на помал број луѓе.

Дополнителен сигнал за претпазливост доаѓа од истражување на „Форестер“, според кое 55 проценти од работодавците веќе изразиле жалење за дел од отпуштањата поврзани со воведувањето вештачка интелигенција.

Често споменуван пример е „Кларна“. Компанијата заменила околу 700 работници со системи со вештачка интелигенција, но по проблемите со квалитетот на услугата повторно почнала да ангажира луѓе.

Тоа покажува дека автоматизацијата може да донесе заштеди, но не секоја работа што технички може да ја преземе алгоритам нужно може целосно да функционира без човечка проценка, комуникација и одговорност.

Постои и уште еден проблем кој можеби нема веднаш да се забележи во финансиските извештаи.

Средниот менаџмент традиционално претставува место каде што се создаваат идните директори и високи раководители. Луѓето токму на овие позиции учат како да водат тимови, да решаваат конфликти, да носат одлуки и да преземаат одговорност.

Ако компаниите масовно ги отстранат почетните и средните скалила во корпоративната хиерархија, по неколку години би можеле да се соочат со недостиг од искусни луѓе подготвени да преземат повисоки раководни позиции.

Вештачката интелигенција затоа не го менува само прашањето колку луѓе се потребни за одредена работа. Таа почнува да го менува и самиот изглед на компаниите.

Традиционалната корпоративна пирамида со голем број раководители меѓу вработените и највисокиот менаџмент постепено станува порамна. Помалку менаџери управуваат со повеќе луѓе, додека алгоритмите преземаат сè поголем дел од координацијата, анализата и административната работа.

За компаниите тоа може да значи пониски трошоци и побрзо донесување одлуки. За вработените, пак, може да значи помалку можности за напредување, поголеми тимови и помалку директно човечко раководење.

Затоа вистинското прашање можеби не е дали вештачката интелигенција може да замени дел од работата на шефовите. Технологијата веќе покажува дека може да преземе многу од нивните задачи.

Многу поголемото прашање е што ќе се случи со компаниите кога ќе откријат дека работата на менаџерот не се состои само од извештаи, состаноци и распределување задачи, туку и од нешто што е многу потешко да се автоматизира – водење луѓе.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *