Пред повеќе од три века вулканска ерупција уништила еден од најважните трговски центри на Тенерифе. Лавата стигнала до океанот, ја затрупала локалната лука и засекогаш го променила брегот. Денес токму последиците од таа природна катастрофа се една од најинтересните туристички атракции на најголемиот Канарски Остров. Станува збор за Гарачико, мало место на северниот брег на Тенерифе кое привлекува посетители со старата архитектура, тесните улици и необичните природни базени создадени од вулканска лава. Таму црните базалтни карпи се испреплетуваат со водата на Атлантскиот Океан, создавајќи места за капење кои изгледаат како да биле намерно изградени покрај морето. Нивното создавање, сепак, е резултат на еден од најдраматичните настани во историјата на Гарачико. Во 1706 година вулканска ерупција испратила големи количества лава кон населбата и пристаништето. Во тоа време Гарачико бил еден од најзначајните економски центри на островот, а неговата лука имала важна улога во трговијата со Европа и Америка. Лавата ја уништила тогашната лука и покрила значителен дел од крајбрежјето. Но кога жешката вулканска маса дошла во контакт со студените води на Атлантикот, постепено се создал нов релјеф. Карпите формирале вдлабнатини, премини и природни базени кои денес се исполнуваат со океанска вода. Токму тие формации со текот на времето се претвориле во една од препознатливите слики на Гарачико. Црниот базалт и сината вода создаваат необичен контраст, а посетителите можат да се капат во природно оформени базени веднаш покрај отворениот океан. Иако местото изгледа идилично, капењето не е секогаш безбедно. Северниот дел на Тенерифе е изложен на Атлантикот, каде морето може брзо да стане немирно. При силни бранови и морски струи влегувањето во природните базени може да биде ризично, поради што посетителите мора да ги следат локалните предупредувања и условите на море. Гарачико, сепак, има многу повеќе да понуди од необичните места за капење. Според туристичкиот водич Даниела Мира, местото го посетуваат околу 50.000 туристи, а дел од нив доаѓаат и поради неговото историско значење и зачуваниот изглед. Пред катастрофалната ерупција, Гарачико бил најважната и една од најбогатите трговски точки на Тенерифе. Во текот на 16. и 17. век преку неговото пристаниште се извезувале канарско вино и шеќер кон европските и американските пазари. Благодарение на трговијата, населбата станала значаен економски центар на островот. Ерупцијата од 1706 година практично ставила крај на таквата улога, но не и на самиот град. Жителите повторно го изградиле Гарачико, делумно врз зацврстената вулканска лава. Така катастрофата што требало да го избрише местото од економската карта на Тенерифе со текот на времето станала дел од неговиот идентитет. Денес во историскиот центар сè уште можат да се видат стари куќи, калдрмисани улици и плоштади кои потсетуваат на периодот кога Гарачико бил важна трговска лука. Зачуваната архитектура придонела центарот да добие статус на културно добро, а меѓу препознатливите места е и плоштадот Плаза де ла Либертад. Гарачико е само еден дел од туристичката понуда на Тенерифе, остров што годишно привлекува меѓу шест и седум милиони посетители. Вулканското потекло е видливо на голем дел од неговиот пејзаж – од плажите со црн песок до планинските предели и необичните карпести формации. Најпознат симбол на островот е вулканот Теиде, кој воедно е и највисокиот врв во Шпанија. Националниот парк околу него е најпосетуваната природна знаменитост на Тенерифе и, според податоците наведени од туристичкиот водич, годишно привлекува околу пет милиони посетители. Историјата на островот започнува многу пред развојот на современиот туризам. Пред доаѓањето на Шпанците, Тенерифе го населувале Гуанчите, староседелско население со берберско потекло од северозападниот дел на Африка. Островот бил поделен на девет области со сопствени владетели, а шпанското освојување на Канарските Острови започнало во 15. век. До 1496 година Тенерифе бил целосно освоен. Канарските Острови имале значење и за патувањата преку Атлантикот. Кристофер Колумбо, пред едно од своите патувања кон Америка, престојувал на соседниот остров Ла Гомера, што дополнително ја покажува стратешката положба на архипелагот на морските патишта меѓу Европа, Африка и Америка. Денешниот Тенерифе ја користи токму комбинацијата од природно и историско наследство како една од главните основи на туризмот. Покрај Теиде и Гарачико, посетителите ги привлекуваат планинското село Маска, природниот парк Анага и Сан Кристобал де ла Лагуна, чиј историски центар е под заштита на УНЕСКО. Островот е познат и по можностите за набљудување китови и делфини, пешачење низ вулкански предели, набљудување на ноќното небо и истражување на малите населби долж брегот. Различните климатски и географски услови овозможуваат на релативно мала површина да се сретнат плажи, шуми, стрмни планини и речиси пустински вулкански предели. Но приказната на Гарачико можеби најдобро покажува како природата може целосно да ја промени судбината на едно место. Ерупцијата што пред повеќе од 300 години ја уништила неговата лука и го прекинала периодот на голем трговски просперитет, денес е причината поради која илјадници туристи доаѓаат токму таму. Она што некогаш било црна река од лава што се движела кон океанот, денес е зацврстен вулкански брег исполнет со природни базени. Гарачико така од симбол на една природна катастрофа прераснал во пример како трагите што ги остава вулканот, по неколку века, можат да станат една од најубавите туристички атракции на островот. Навигација на напис Кога ефикасноста станува казна: Најдобрите работници често добиваат најмногу работа „Светот нема да исчезне“: Џенсен Хуанг со јасна порака за опасностите од вештачката интелигенција