Интернетот денес доживеа еден од своите најмасовни прекини во последните години, откако провајдерот на интернет-инфраструктура Cloudflare беше недостапен речиси три часа. Проблемот предизвика глобален хаос, оставајќи милиони веб-страници, апликации и онлајн сервиси целосно офлајн. Погодени беа некои од најголемите дигитални платформи, меѓу кои социјалната мрежа X, ChatGPT и Dropbox, што веднаш предизвика драстично зголемување на извештаи за прекин на интернет услуги ширум светот.

Cloudflare е една од најзначајните компании во доменот на cloud computing и сајбер безбедноста. Нивните системи обезбедуваат заштита на веб-страници, спречување на сајбер напади, управување со податоци, како и услуга која го забрзува интернет сообраќајот. Компанијата често за себе вели дека претставува „имунолошки систем на интернетот“, поради тоа што секојдневно блокира милијарди злонамерни обиди и обезбедува непречено функционирање на мрежниот сообраќај. Cloudflare годишно инкасира над половина милијарда долари по квартал и опслужува речиси 300.000 корисници во 125 држави.

Токму затоа, значењето на Cloudflare во интернет екосистемот е огромно. Компанијата е дел од клучната глобална инфраструктура, која го одржува интернетот стабилен и достапен. Па кога Cloudflare ќе запре, последиците се чувствуваат веднаш – од мали веб-страници до некои од најголемите платформи во светот. Денешниот прекин го докажа тоа на најдиректен можен начин: само со еден технички проблем, огромен дел од интернетот фактички престана да функционира.

Покрај X, ChatGPT и Dropbox, недостапни беа и други високо посетени страници и сервиси. Според податоците од Downdetector, корисниците пријавиле проблеми и со Bet365, League of Legends, системите за сметководство Sage, па дури и со Google и YouTube. И Македонија не беше исклучок – голем број веб-портали, компании, онлајн продавници и организации кои зависат од Cloudflare останаа офлајн со часови, што предизвика сериозни прекини и во локалните услуги.

Cloudflare официјално соопшти дека станувало збор за „интерна деградација на услугите“, без да даде детално објаснување за причината. Според објавените информации, проблемите започнале околу 11:20 часот и траеле речиси три часа, по што компанијата информираше дека решението е имплементирано и дека сервисите постепено се стабилизираат. Одделни делови од инфраструктурата, особено во Лондон, биле привремено исклучени за да се спречи пошироко ширење на проблемот. Cloudflare забележал и необичен скок во сообраќајот кон една од своите услуги, но засега останува нејасно дали тоа е поврзано со инцидентот.

Овој прекин уште еднаш ја отвори дискусијата за стабилноста на глобалниот интернет. Голем дел од светската економија – од банкарство и е-трговија до медиуми и видеостриминг – зависи од неколку големи компании кои обезбедуваат облачни услуги. Освен Cloudflare, во последниот месец падови имаа и други технолошки гиганти како AWS на Amazon и Azure на Microsoft. Заедно со Google Cloud, овие платформи сочинуваат најголем дел од инфраструктурата што го движи дигиталниот свет.

Експертите предупредуваат дека оваа концентрација создава „синџир на зависност“ кој го прави интернетот ранлив. Еден технички дефект во една компанија може да направи штета што ќе ја почувствуваат стотици милиони корисници. Според нив, денешниот прекин е уште еден доказ дека глобалниот интернет мора да се диверзифицира, да се зголеми отпорноста на клучните системи и да се избегне премногу потпирање на неколку монополски инфраструктурни провајдери.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *