Додека големите градови низ светот бараат начини како да ги намалат сообраќајните метежи со метроа, нови булевари и железнички линии, Индија се обидува да го реши проблемот на поинаков начин – со превоз над улиците. Во делови од земјата започнува развојот на урбани жичарници со кабини кои се движат десетици метри над земјата и ги поврзуваат најоптоварените градски подрачја. Идејата е едноставна: кога на улиците веќе нема простор за нови автомобили и автобуси, дел од сообраќајот да се префрли во воздух.

Проблемот со кој се соочуваат индиските градови е огромен. Во густо населените урбани средини улиците се преполни со автомобили, мотоцикли, рикши и пешаци, додека во историските центри често станува збор за тесни улички меѓу стари објекти.

Проширувањето на патиштата во такви услови е речиси невозможно. Во многу случаи би било потребно уривање на згради, што не доаѓа предвид во историски и заштитени градски јадра.

Метроата, пак, можат да бидат ефикасно решение, но нивната изградба бара огромни инвестиции и години работа. Подземното копање во густо населени подрачја дополнително се усложнува поради постојната инфраструктура под улиците.

Токму затоа урбаните жичарници се појавуваат како алтернатива која може да се изгради побрзо и со помалку зафаќање на просторот.

Еден од најзначајните проекти се развива во Варанаси, познат и како Каши, древен град кој е едно од најважните верски и туристички места во Индија. Градот годишно го посетуваат огромен број луѓе, а неговите тесни улици и густата градска структура создаваат сериозни проблеми за класичниот сообраќај.

Наместо да се копа под градот, решението е поставено над него.

Жичарницата треба да овозможи патниците да се движат над градските улици, минувајќи над покривите и сообраќајот. Кабините се движат на височина од околу десетина, па сè до повеќе од 50 метри, зависно од делот од трасата.

Со тоа патувањето повеќе не зависи од метежот на улиците. Кабините можат да се движат во кратки интервали, што овозможува континуиран проток на патници без класичните застои што се карактеристични за патниот сообраќај.

Проектот во Варанаси е долг околу 3,75 километри и предвидува пет станици поставени на стратешки места. Една од главните цели е да се подобри поврзаноста меѓу железничката станица и централните градски подрачја.

Она што особено го привлекува вниманието е разликата во времето на патување. Релацијата која со автомобил или автобус во услови на густ сообраќај може да трае 45 минути до еден час, со жичарницата би се минувала за околу 16 минути.

Предвидено е системот да може да превезува околу 96.000 патници дневно. За тоа се планирани 153 кабини, од кои секоја може да прими до десет патници.

Една од главните предности на овој вид транспорт е што за изградбата не се потребни нови патишта или железнички траси низ целиот град. Потребен е простор за носечките столбови и станиците, што овозможува многу помалку зафаќање на градското земјиште.

Изградбата вообичаено е и побрза од изградбата на метро или голема железничка инфраструктура. Дополнителна предност е тоа што системот се движи по однапред определена траса и не е зависен од семафори, крстосници, автомобили или сообраќајни несреќи на улиците.

Жичарниците работат на електричен погон, што значи дека немаат директни издувни емисии на местото каде што функционираат. Во густо населените градови тоа може да биде значајно за квалитетот на воздухот, особено доколку дел од патувањата со автомобили се префрлат на јавен превоз.

Сепак, ваквиот систем не е замислен како целосна замена за метроата и железницата. Жичарниците имаат ограничен капацитет и најмногу смисла имаат на пократки и средни релации, особено таму каде што постојат сериозни тесни грла во сообраќајот.

Нивната улога може да биде особено важна како врска меѓу различни видови јавен превоз. На пример, патник може со воз да пристигне до главната станица, а потоа со жичарница да продолжи до дел од градот каде што патната инфраструктура е преоптоварена.

Индиската влада планира вакви проекти да развива и во други градови преку националната програма Parvatmala Pariyojana.

Иако жичарниците традиционално се поврзуваат со планински региони и туристички центри, Индија сака да ја прошири нивната употреба и во густо населените градови. Целта е воздушниот транспорт да стане дополнување на постојните автобуски и железнички системи.

Слични урбани жичарници веќе функционираат и во други делови од светот. Ла Паз во Боливија и Меделин во Колумбија се меѓу најпознатите примери, каде што кабините над градот се користат како дел од секојдневниот јавен превоз.

Индискиот пристап покажува дека иднината на градскиот транспорт не мора секогаш да биде под земја. Во градовите каде што нема простор за нови патишта, а изградбата на метро е премногу бавна и скапа, дел од сообраќајот може едноставно да се премести над улиците.

Доколку проектите се покажат успешни, урбаните жичарници би можеле да станат важен дел од транспортната инфраструктура на големите индиски градови. Наместо сообраќајниот хаос да се решава само со повеќе асфалт, Индија се обидува да го искористи и просторот над него.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *