Европскиот пазар на логистички и индустриски недвижности бележи значително заживување, бидејќи компаниите сè повеќе инвестираат во сигурноста на своите синџири на снабдување. Геополитичките тензии, нарушувањата во глобалната трговија и повисоките транспортни трошоци ги натераа фирмите да го преиспитаат моделот на работа во кој најниската цена беше главен приоритет.

Во првата половина од 2026 година во Европа биле изнајмени околу 14,01 милиони квадратни метри логистички простор, што претставува раст од 20,5 отсто во споредба со истиот период минатата година. Податоците од анализата на консултантската компанија „Савилс“ покажуваат дека побарувачката за магацини и современи логистички центри повторно расте, но причините за тоа се многу посложени од обичното ширење на трговијата.

Најизразен раст е забележан во Шпанија, каде што активноста за изнајмување се зголемила за 62,8 отсто. Во Италија растот достигнал 56,9 отсто, додека францускиот пазар забележал особено силен скок во вториот квартал. Тогаш изнајмувањето логистички простор било за 154 отсто повисоко во однос на претходниот квартал.

Зад овие бројки стои голема промена во начинот на кој компаниите размислуваат за снабдувањето. Доколку порано фирмите се обидуваа да ги намалат залихите и да ги добиваат производите непосредно пред да им бидат потребни, денес сè повеќе се подготвуваат за можни прекини.

Моделот „точно на време“, кој со години беше еден од столбовите на современото производство, се покажува како поранлив во услови на кризи. Затворањето на трговски патишта, проблемите во бродскиот транспорт и политичките тензии можат за кратко време да предизвикаат недостиг на суровини или готови производи.

Поради тоа, дел од компаниите повторно создаваат поголеми резерви и бараат магацински простор поблиску до крајните пазари. Дополнителниот простор има цена, но за многу компании тој станува еден вид осигурување против идни прекини во снабдувањето.

Промените се забележуваат и преку сè поголемото користење на стратегиите познати како „ниршоринг“ и „френдшоринг“. Производството и набавките се преместуваат поблиску до европските пазари или во земји што се сметаат за политички и економски постабилни.

Таквата промена создава нова потреба за магацини, дистрибутивни центри и индустриски објекти. Дополнителен поттик доаѓа и од растот на европската одбранбена индустрија, која бара нови производствени и логистички капацитети.

Компаниите, сепак, не бараат само повеќе квадратни метри. Сè поголемо внимание се посветува на квалитетот на објектите, нивната енергетска ефикасност и можноста за долгорочно намалување на оперативните трошоци.

Истовремено, дел од фирмите се обидуваат да ги концентрираат своите активности во помал број поголеми и посовремени центри, наместо да управуваат со голем број помали магацини.

Геополитичките конфликти дополнително ја зголемуваат потребата за вакви промени. Повисоките цени на горивото, електричната енергија, транспортот и осигурувањето создаваат дополнителна неизвесност за производителите и трговците.

Поради тоа, компаниите применуваат различни стратегии. Некои го одложуваат ширењето на бизнисот, други избираат пократки и пофлексибилни договори за закуп, додека трети ги зголемуваат резервите на стока и бројот на добавувачи за да не зависат од еден извор.

Тоа покажува дека зголемената побарувачка за магацински простор не мора да значи дека европската економија доживува исклучително силен раст. Во значителна мера станува збор за приспособување кон новите услови и обид на компаниите да изградат поотпорни синџири на снабдување.

Зголемениот интерес се гледа и на инвестицискиот пазар. Во првата половина од 2026 година, инвестициите во европски индустриски и логистички недвижности достигнале 18,7 милијарди евра, надминувајќи го просекот за истиот период во претходните три години.

Инвеститорите, сепак, повеќе не купуваат и финансираат недвижности по секоја цена. По периодот на исклучително ниски каматни стапки, вниманието е насочено кон објекти со стабилни закупци, сигурни приходи и јасна економска намена.

Особено привлечни се современите логистички паркови со повеќе закупци, додека поголема претпазливост постои кај објектите што зависат од само една компанија или бараат значителни дополнителни вложувања.

И анализите на JLL укажуваат на силна активност на европскиот логистички пазар во првата половина од годината. Во исто време, намалувањето на изградбата на нови објекти ја ограничува понудата, што создава дополнителен притисок врз цените на закупот, особено кај најквалитетните и енергетски ефикасни имоти.

Просечниот принос на врвните европски логистички недвижности изнесувал 4,95 отсто и останал речиси непроменет шести квартал по ред.

Овие промени отвораат простор и за помалите европски економии. Земјите што се наоѓаат во близина на важни пристаништа, железнички коридори, автопати и големи потрошувачки пазари би можеле да привлечат дел од новата побарувачка.

За земјите од регионот, сепак, достапното земјиште и поевтината изградба сами по себе не се доволни. Клучна е инфраструктурата и способноста брзо и сигурно да се поврзат производителите, магацините и потрошувачите.

Во тој контекст, развојот на транспортните коридори, пристаништата, железничките врски и автопатската мрежа може да биде одлучувачки за тоа каде во иднина ќе се концентрираат новите логистички центри.

Европскиот пазар на магацински и логистички недвижности затоа повеќе не може да се гледа само како дел од секторот за недвижности. Во услови на нестабилна глобална трговија, поскап транспорт и геополитички ризици, магацините стануваат важен дел од економската безбедност.

За компаниите, дополнителните квадратни метри повеќе не се само трошок. Тие стануваат начин да се намали ризикот од прекин на производството и снабдувањето. Во новата економска реалност, сигурноста на синџирот на снабдување очигледно почнува да вреди повеќе од стремежот кон најниската можна цена.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *