Кога се зборува за европскиот пазар на труд, најчесто се споменуваат програмери, инженери и други високообразовани професионалци. Но податоците за последната година покажуваат една поинаква слика. Европа има огромна потреба од работници кои ќе работат во фабрики, магацини, транспортот, градежништвото и производството.

Во периодот од април 2025 до март 2026 година низ европските земји биле објавени повеќе од 10 милиони работни позиции. Станува збор за вкупниот број огласи објавени преку Европската мрежа за вработување EURES во текот на 12 месеци, а не за бројот на слободни места во еден момент.

Најголем дел од побарувачката е насочен кон професии што бараат практична работа и технички вештини. На врвот се техничките работници, со повеќе од 731.000 огласени позиции. Следуваат работниците во металната и машинската индустрија со речиси 597.000 места, операторите на машини и постројки со повеќе од 522.000, како и возачите и операторите на возила со над 519.000 позиции.

Тоа значи дека само овие професии обезбедуваат побарувачка за милиони работници низ Европа.

Особено впечатлива е споредбата со ИТ-секторот. За стручњаци од информатичките и комуникациските технологии биле објавени околу 375.000 позиции. Побарувачката е висока, но е значително помала од онаа за технички, производствени и транспортни работници.

Европските фабрики, логистички центри и производствени погони имаат сè поголема потреба од луѓе кои можат веднаш да се вклучат во практичната работа. Потребни се оператори на машини, металски и машински работници, техничари, возачи и други квалификувани физички работници.

Најголемата побарувачка за технички работници се забележува во Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија. Само во Германија биле објавени повеќе од 239.000 позиции за оваа група работници.

Германија и Холандија се издвојуваат и по вкупниот број работни огласи. Во Холандија во анализираниот период биле објавени околу 2,83 милиони позиции, додека Германија имала повеќе од 2,4 милиони. Тоа значи дека само овие две земји заедно имале над пет милиони огласени работни места.

Побарувачката не е иста насекаде. Во северна Европа, особено во Шведска, Швајцарија, Норвешка и Лихтенштајн, голема потреба има од здравствени работници и кадар за грижа. Финска, пак, има особено висока побарувачка за ИКТ-професионалци.

Но трендот во најголем дел од континентот е јасен: Европа не се соочува само со недостиг од програмери и инженери, туку и со сериозен недостиг од луѓе подготвени да работат во физички и технички професии.

Ова е особено важно за работниците од земјите надвор од Европската Унија. За оние што имаат искуство како возачи, машински работници, заварувачи, оператори на производствени линии, техничари или работници во логистика, европскиот пазар нуди сè повеќе можности.

Северна Македонија, во меѓувреме, има значително пониска стапка на вработеност од европскиот просек. Кај населението на возраст од 20 до 64 години таа изнесува 64,4 проценти, додека просекот во Европската Унија е 76,3 проценти.

Токму затоа европската побарувачка може да биде особено интересна за македонските работници. Не мора секој што сака да замине во странство да биде програмер или да има факултетска диплома. Во голем број случаи, вредни се занаетот, искуството, техничкото знаење и подготвеноста за работа.

Европската индустрија има потреба од луѓе што ќе ги движат машините, ќе ги одржуваат производните линии, ќе управуваат со возила, ќе работат во магацини и ќе произведуваат стока.

Програмерите и ИТ-експертите и понатаму се барани. Но бројките покажуваат дека најголемата европска битка за работници моментално се води и на едно многу попрактично поле.

Не недостигаат само луѓе пред компјутер. Недостигаат и луѓе што ќе застанат зад машината.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *