Зоран Салопек поминал пат кој на многумина би им изгледал како остварување на идејата за совршен успех. Од детството во сиромаштија и тешки семејни околности, преку образование и постдипломски студии, до високи менаџерски позиции, сопствен бизнис, инвестиции и финансиска сигурност. Но, токму кога стигнал до она што повеќето луѓе го поврзуваат со успешен живот, решил да направи радикален чекор – да ги продаде своите компании и да се откаже од дотогашниот начин на живот. Наместо уште поголем деловен успех, Салопек избрал да се посвети на прашањето што за него станало поважно од материјалното богатство: што навистина го прави човекот исполнет и зошто, и покрај постигнатите цели, понекогаш продолжува да се чувствува незадоволно. Токму со тие прашања денес ги исполнува салите низ регионот. Неговата приказна не се темели само на класични мотивациски пораки, туку на лично искуство и долгогодишно преиспитување на сопствените избори. Според неговото гледиште, една од најголемите пречки на патот кон животот што го посакуваме не се недостатокот на пари, условите во кои живееме или околностите, туку сопственото его. Начинот на кој размислуваме, потребата за докажување, стравот од неуспех и постојаната желба да ги исполнуваме туѓите очекувања можат да нè оддалечат од она што навистина го сакаме. Салопек своите искуства ги преточил и во книги. Тој е автор на „Небодер на животот“ и „Его, љубов, вистина“, а стои и зад Меѓународниот институт за емоционална зрелост и Level Up! Академијата на мудроста. Во својата работа се обидува да ги поврзе психологијата, филозофијата и современите сознанија за човековото однесување. Една од главните теми во неговиот пристап е емоционалната зрелост и начинот на кој човекот се справува со сопствените стравови, очекувања и незадоволства. Наместо вината за личните проблеми постојано да се бара во надворешните околности, тој ги охрабрува луѓето прво да погледнат во себе и да препознаат кои сопствени обрасци ги спречуваат да направат промена. „Не е вечер за поглед во сцената. Е вечер за поглед во огледало“, е пораката со која го најавува своето предавање. Токму „Психологија на успех“ ќе биде темата на неговото прво предавање во Скопје, закажано за 26 септември. Салопек ќе зборува за егото, емоционалната зрелост, личната одговорност и начините на кои човекот може да престане самиот да си создава дополнителен товар. Настанот ќе се одржи во Музејот на македонската борба во Скопје, простор кој со својата атмосфера и историско значење треба да ѝ даде дополнителна тежина на вечерта. Настанот е дел од Be#Next серијата, која досега привлече повеќе од 1.000 посетители на четири одржани настани. Во Скопје овојпат доаѓа Салопек, кој низ својата работа се занимава со личниот развој, емоционалната зрелост и преиспитувањето на поимот успех. Неговата животна приказна, сепак, е она што најмногу ја издвојува темата. Човек кој ги поминал деловните скалила, стекнал финансиска сигурност и изградил компании, на крајот решил да се откаже од дел од она што некогаш го сметал за цел. Токму затоа неговото прашање не е само како да се стигне до врвот, туку што правиме кога ќе стигнеме таму. Дали успехот навистина изгледа онака како што сме го замислувале и дали материјалните достигнувања се доволни за човек да се чувствува исполнето? На 26 септември, во Скопје, Салопек ќе се обиде да понуди свои одговори на овие прашања, но и да ги поттикне посетителите сами да ги преиспитаат сопствените дефиниции за успех. За него, вистинската промена не започнува со поглед кон она што го имаме, туку со искрен поглед кон самите себе. Бројот на места за предавањето е ограничен, а заинтересираните можат да ги обезбедат своите билети преку официјалната страница на Be#Next: benext.mk. Post navigation Тим Кук открива како го победува стресот: Шефот на Apple секојдневно го прави ова едноставно нешто Русија ги условува западните компании: Ако сакаат да се вратат на рускиот пазар, ќе мора да прифатат нови правила