Кога луѓето одлучуваат да вдомат куче, најчесто размислуваат за љубовта, дружењето и верноста што ќе ги добијат. Сепак, ретко кој уште на почетокот пресметува колку навистина чини грижата за домашниот миленик во текот на целиот негов живот. Ново истражување покажува дека кај одредени раси вкупните трошоци можат да надминат и 35.000 евра, сума која во многу земји е доволна за купување нов автомобил. Во анализата биле опфатени 25 од најпопуларните раси кучиња, а во пресметките се вклучени сите вообичаени трошоци – квалитетна храна, ветеринарни прегледи, вакцинација, лекување, осигурување, опрема, козметичка нега и останати редовни издатоци што ги има секој сопственик. На врвот на листата се наоѓа францускиот булдог, за кој се проценува дека во текот на просечниот животен век од околу 15 години сопствениците трошат приближно 35.300 евра. Иако станува збор за мало куче кое е исклучително популарно и погодно за живот во стан, оваа раса често има здравствени проблеми кои бараат скапи ветеринарни интервенции и постојана медицинска грижа. Истражувањето покажува и интересен тренд – малите раси честопати се поскапи за одржување од големите. Иако големите кучиња трошат повеќе храна, тие обично имаат пократок животен век. Малите раси, пак, живеат значително подолго, што значи повеќе години трошоци за храна, лекови, превентивни прегледи, нега и други потреби. Меѓу петте најскапи раси се вбројуваат францускиот булдог, минијатурниот шнауцер, јоркширскиот териер, ши-цу и ротвајлерот. Во последните години голем број раси станаа исклучително популарни благодарение на социјалните мрежи. Кавапу, лабрадудл, померанецот и чивавата сè почесто се појавуваат во видеа и фотографии, но нивното одржување подразбира редовни издатоци за професионална нега на крзното, квалитетна исхрана и ветеринарска заштита. На спротивниот крај од листата се наоѓа шиба ину, која според истражувањето е меѓу најекономичните раси за одгледување. Проценетите трошоци за целиот нејзин животен век изнесуваат околу 21.800 евра. По неа следуваат бордер коли и австралискиот овчар, додека меѓу расите со пониски вкупни трошоци се и лабрадор ретриверот и златниот ретривер, кои со години се едни од најомилените семејни кучиња. Според проценките, просечните трошоци за одгледување на најпопуларните раси изгледаат вака: француски булдог – околу 35.300 евра, минијатурен шнауцер – 28.600 евра, јоркширски териер – 28.400 евра, ши-цу – 28.200 евра, ротвајлер – 27.800 евра, кокер шпаниел – 27.800 евра, померанец – 27.700 евра, малтезер – 27.600 евра, доберман – 27.600 евра, германска дога – 27.300 евра, боксер – 27.100 евра, випет – 26.900 евра, кавапу – 26.200 евра, дакел – 26.200 евра, бостонски териер – 26.100 евра, чивава – 25.700 евра, бигл – 25.600 евра, сибирски хаски – 24.600 евра, германски овчар – 24.300 евра, лабрадудл – 24.300 евра, златен ретривер – 24.000 евра, лабрадор ретривер – 23.200 евра, австралиски овчар – 22.600 евра, бордер коли – 22.500 евра и шиба ину – 21.800 евра. Експертите нагласуваат дека овие суми не се однесуваат на цената за купување на кучето, туку на вкупните трошоци што сопственикот може да ги има во текот на целиот животен век на миленикот. Реалните издатоци можат да бидат повисоки или пониски, во зависност од здравствената состојба на животното, квалитетот на грижата и цените на ветеринарните услуги во земјата каде што живее сопственикот. Затоа, пред да се донесе одлука за вдомување или купување куче, покрај желбата за домашен миленик, важно е внимателно да се проценат и долгорочните финансиски обврски што ги носи одговорното сопствеништво. Post navigation Ќе стане ли неделата повторно работен ден? Се отвора едно од најчувствителните прашања Ел Нињо го пали црвениот аларм: Земјоделството пред најголемиот тест во последните децении