Најавата за изградба на национален дата центар во Македонија отвори широка јавна дебата околу тоа дали проектот ќе претставува голем чекор кон дигитализација или ќе создаде дополнителен притисок врз енергетскиот систем, водните ресурси и животната средина. Додека Владата го претставува како клучна инфраструктура за модерна и дигитална држава, дел од политичките партии и експертската јавност бараат поголема транспарентност и детални анализи пред да започне реализацијата.

Според најавите, за изградба на дата центарот се разгледуваат четири индустриски локации во околината на Скопје, а проектот ќе стане возможен преку измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење. Надлежните уверуваат дека конечната локација ќе биде избрана врз основа на технички и еколошки критериуми.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека изградбата на ваков центар нема да се реализира на сметка на животната средина и дека секој чекор ќе биде проследен со задолжителни еколошки анализи. Тој нагласи дека целта е државата да добие современа дигитална инфраструктура која ќе овозможи побезбедно чување на податоците и поефикасно функционирање на институциите.

Во моментов, државните институции ги чуваат своите податоци одделно, со различни системи и различно ниво на заштита. Со воспоставувањето на Национален дата центар, тие би биле централизирани на една локација, што би овозможило подобра безбедност, поедноставно управување и полесно развивање на електронските услуги за граѓаните.

Покрај тоа, Владата планира да воспостави таканаречена „cloud first“ политика, според која институциите ќе ги складираат своите информации во заедничка државна инфраструктура. Ова, според надлежните, ќе ги намали трошоците за набавка на серверска опрема, ќе ја подобри сајбер безбедноста и ќе овозможи побрза дигитализација на јавните услуги.

Проектот предвидува новиот дата центар да биде поврзан со постојниот заштитен ИКТ центар во Прилеп, кој ќе служи како резервен систем во случај на технички дефекти или природни катастрофи. На тој начин, државните податоци би биле подобро заштитени од можни кибернапади и други безбедносни ризици.

Сепак, проектот отвори и бројни дилеми. Од партијата ДОМ бараат Владата јавно да ги објави анализите за тоа колкава ќе биде потрошувачката на електрична енергија и вода, дали постојната инфраструктура ќе може да го издржи дополнителното оптоварување и какви ќе бидат последиците врз локалните заедници. Од таму сметаат дека ваквите инвестиции мора да бидат проследени со детални студии за влијанието врз животната средина и со широка јавна расправа.

Сличен став има и СДСМ, од каде предупредуваат дека големите дата центри можат да трошат огромни количини електрична енергија и милиони литри вода дневно за системите за ладење. Според нив, во услови на климатски промени и зголемен воден стрес, неопходно е државата внимателно да ги процени сите ризици пред да даде зелено светло за вакви инвестиции.

Опозициската партија предлага, доколку се градат нови дата центри, тие да користат воздушни системи за ладење наместо вода, како и сопствени извори на електрична енергија преку фотонапонски централи и батериски системи, со цел да не создаваат дополнителен товар врз националната електроенергетска мрежа.

Од Владата, пак, посочуваат дека токму изградбата на сопствена соларна електрана е дел од плановите за идниот комплекс и дека проектот ќе биде развиван согласно најсовремените стандарди за енергетска ефикасност и одржливост.

Во изминатите години Македонија се соочи со повеќе случаи на нарушена безбедност на институционалните информациски системи и губење на податоци, што дополнително ја нагласи потребата од модерна и сигурна дигитална инфраструктура. Владата смета дека националниот дата центар ќе биде основа за развојот на електронските услуги во следните две до три децении и ќе претставува еден од најзначајните столбови на дигиталната трансформација на државата.

И покрај тоа, останува отворено прашањето дали економските и технолошките придобивки ќе бидат доволни за да ги оправдаат потенцијалните еколошки и енергетски предизвици. Одговорот, според експертите, ќе зависи од транспарентноста на процесот, квалитетот на анализите и начинот на кој ќе биде реализиран целиот проект.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *