Панама трета година по ред е прогласена за најдобра земја за иселеници, покажува истражувањето Expat Insider 2026, спроведено од организацијата InterNations. Истражувањето опфатило повеќе од 8.000 иселеници од 162 националности, кои го оценувале животот во својата нова земја според повеќе критериуми, меѓу кои квалитетот на живот, можностите за работа, личните финансии, административните процедури и леснотијата на интеграција. Според резултатите, Панама повторно се најде на врвот благодарение на поволните услови за доселување, едноставните административни процедури и пријателскиот однос на локалното население. Дури 87 проценти од испитаниците изјавиле дека се задоволни од животот во земјата, што е значително над светскиот просек од 70 проценти. Покрај тоа, една третина од анкетираните рекле дека би сакале трајно да останат да живеат во Панама. Второто место на листата му припадна на Мексико, кој се издвојува како земја каде што странците најлесно создаваат нови пријателства и најбрзо се чувствуваат прифатени од локалната заедница. Испитаниците го оцениле Мексико како најдобра земја во категоријата лесно прилагодување и интеграција. На третата позиција се најде Тајланд, каде што 86 проценти од иселениците изјавиле дека се среќни со својот живот, а 42 проценти би сакале таму да останат засекогаш. Како најголеми предности се наведуваат ниските трошоци за живот, достапното сместување и добриот баланс меѓу трошоците и квалитетот на живот. Во првите пет земји се најдоа и Обединетите Арапски Емирати и Бразил, кои исто така добиле високи оценки за условите за живот и можностите што им ги нудат на странските државјани. Од европските држави, најдобро рангирана е Шпанија, која го освои шестото место на глобалната листа. Земјата добила највисоки оценки за квалитетот на живот, благодарение на пријатната клима, богатата понуда на активности во слободното време, развиениот јавен превоз и добрата поврзаност со останатиот дел од Европа. Португалија се пласирала на осмото место, при што особено се истакнува во категориите лични финансии и леснотија на населување. Луксембург ја заокружува првата десетка, пред сè благодарение на високите плати, сигурноста на работните места и добрите услови за професионален развој. За да биде вклучена во рангирањето, секоја држава требало да има најмалку 50 испитаници. Годинава биле оценети вкупно 31 земја. На спротивниот крај од листата се најдоа Велика Британија, Турција, Германија и Норвешка. Норвешка е последнопласирана, најмногу поради ниските оценки за леснотијата на интеграција, додека иселениците сметаат дека животот таму е скап и дека е потешко да се воспостават социјални контакти. Германија, пак, добила слаби оценки поради административните процедури, проблемите со пронаоѓање соодветно домување и јазичната бариера, што според многумина значително го отежнува прилагодувањето на новите жители. Според истражувањето Expat Insider 2026, десетте најдобри земји за живот на иселеници се Панама, Мексико, Тајланд, Обединетите Арапски Емирати, Бразил, Шпанија, Сингапур, Португалија, Малезија и Луксембург. Истражувањето покажува дека покрај економските можности, сè поголемо значење за иселениците имаат квалитетот на живот, лесната интеграција и чувството на добредојде во новата средина. Post navigation Mакедонците сè почесто одат на шопинг во Феризај во потрага по пониски цени и поголем избор Работодавачите сè почесто бараат познавање на вештачка интелигенција и за нетехнички работни позиции