Вештачката интелигенција повеќе не е ограничена само на програмерите, инженерите и специјалистите за обработка на податоци. Новите анализи покажуваат дека таа сè побрзо станува дел од секојдневните работни задачи и во професии како продажба, човечки ресурси, маркетинг, правни услуги, администрација и корисничка поддршка. Тоа значи дека познавањето на алатките базирани на вештачка интелигенција постепено се претвора во основна деловна вештина, а не во знаење резервирано само за ИТ секторот. Истражувањето на платформата за вработување Indeed, кое ги анализирало огласите за работа во Германија, Велика Британија, Франција, Холандија и Шпанија во периодот од првиот квартал на 2022 до првиот квартал на 2026 година, покажува дека во четири од петте најголеми европски економии повеќе од половина од работните позиции што во својот назив содржат термин поврзан со вештачката интелигенција припаѓаат на нетехнолошки професии. Во Германија, 59 проценти од ваквите позиции се надвор од ИТ секторот, во Холандија тој удел изнесува 58 проценти, додека во Франција и Велика Британија достигнува 54 проценти. Единствен исклучок е Шпанија, каде што најголемиот дел од позициите поврзани со вештачката интелигенција сè уште се концентрирани во технолошките занимања. Паралелно со ова, сè повеќе луѓе користат генеративна вештачка интелигенција и во својата секојдневна работа. Според податоците на Евростат, во текот на 2025 година околу 15,1 процент од жителите на Европската Унија на возраст од 16 до 74 години користеле генеративна вештачка интелигенција за деловни цели, додека речиси една третина од населението применувала вакви алатки најчесто за приватна употреба. Експертите посочуваат дека првично вештачката интелигенција била поврзана со развој на софтвер и анализа на податоци, но денес нејзината примена е многу поширока. Компаниите ја интегрираат во продажбата, маркетингот, човечките ресурси, правните оддели и администрацијата, со цел да ја подобрат ефикасноста, да автоматизираат рутински процеси и да ја зголемат продуктивноста. Бројот на работни позиции во кои директно се споменува вештачката интелигенција бележи силен раст. Во Германија, на пример, во првиот квартал од 2026 година биле евидентирани 288 вакви позиции, што е четирикратно повеќе во споредба со почетокот на 2022 година. Велика Британија имала 160, Франција 138, Холандија 84, а Шпанија 81 работно место со ознака поврзана со вештачката интелигенција. Најголем раст е забележан токму во Шпанија, каде што бројот на вакви огласи се зголемил повеќе од десетпати во изминатите четири години. Во пракса, работодавците денес бараат профили кои знаат како да ги користат алатките за вештачка интелигенција во рамките на својата професија. Во Велика Британија се бараат менаџери за продажба на решенија базирани на вештачка интелигенција, правни советници специјализирани за приватност и примена на АИ, како и експерти задолжени за воведување на новите технологии во деловните процеси. Во Германија, пак, компаниите бараат менаџери за човечки ресурси кои ќе користат вештачка интелигенција за подобрување на процесите за регрутирање и управување со кадарот. Во Франција расте побарувачката за продажни експерти за АИ-решенија, додека во Холандија сè почесто се бараат маркетинг-специјалисти кои користат генеративна вештачка интелигенција за креирање содржини и управување со дигитални кампањи. Аналитичарите издвојуваат три главни насоки во кои се развива пазарот на трудот. Првата е советување на компании при воведување системи базирани на вештачка интелигенција, втората е креирање и тестирање содржини што служат за обука на АИ-модели, а третата е едукација на вработените и клиентите за правилна и ефикасна примена на овие технологии. Според експертите, појавата на вештачката интелигенција во описот на работното место не значи дека сите вработени ќе мора да станат програмери. Во најголем број случаи, од нив се очекува да знаат како да користат современи АИ-алатки, да автоматизираат дел од секојдневните задачи, да ги проверуваат добиените резултати и да придонесат за поефикасно функционирање на компанијата. Трендот јасно покажува дека вештачката интелигенција веќе не создава само нови професии, туку темелно ги менува и постојните работни места. Работниците кои ќе стекнат практични знаења за нејзина примена ќе имаат сè поголема предност на европскиот пазар на труд, бидејќи дигиталните вештини стануваат важен услов за професионален развој во речиси сите сектори на економијата. Post navigation Каде најлесно се започнува нов живот? Објавена листата на најдобрите земји за иселување Интернетот и роботиката сè уште се реткост на европските фарми: Новите технологии најмногу ги користат најголемите производители