„Spotify“ подготвува нова функција која ќе им овозможи на корисниците да комуницираат со вештачка интелигенција за музиката што ја слушаат, носејќи поинтерактивно искуство при користењето на платформата. Новитетот ќе биде достапен за претплатниците на Premium пакетот и ќе им овозможи преку разговор да добиваат персонализирани препораки и полесно да откриваат нова музика. Во првата фаза, функцијата ќе биде пуштена во употреба во Соединетите Американски Држави, Ирска и Шведска, а ќе можат да ја користат лица постари од 18 години кои ја имаат инсталирано апликацијата на уреди со оперативните системи iOS или Android. Засега комуникацијата со асистентот ќе биде достапна исклучиво на англиски јазик. Од компанијата посочуваат дека станува збор за бета-верзија, што значи дека системот сè уште е во фаза на тестирање. Поради тоа, можно е повремено да се појавуваат ограничувања или неточности во одговорите, а искуствата и забелешките на корисниците ќе бидат искористени за дополнително подобрување на услугата пред нејзиното пошироко воведување. Новиот AI асистент претставува чекор напред во однос на досегашните функции базирани на вештачка интелигенција. За разлика од виртуелниот диџеј, кој главно нуди еднонасочни препораки, ова решение овозможува вистинска двонасочна комуникација. Корисниците ќе можат директно преку почетниот екран или екранот на песната што моментално се репродуцира да започнат разговор со асистентот и да ги приспособуваат своите музички барања во реално време. Освен преку текстуални пораки, комуникацијата ќе биде можна и со гласовни команди, што ќе го направи пребарувањето и откривањето нова музика уште поедноставно. Наместо класично пребарување по наслов или изведувач, корисниците ќе можат да бараат препораки според расположение, стил или конкретни желби. Како пример, платформата наведува дека корисникот ќе може да побара да му бидат предложени изведувачи што досега не ги слушал, а потоа дополнително да го насочи пребарувањето со барања како музиката да биде со побрз ритам или да вклучува понови артисти. Вештачката интелигенција ќе ги обработува овие инструкции и ќе креира препораки според интересите и навиките на слушање. Со оваа функција, Spotify продолжува да инвестира во примена на вештачката интелигенција со цел персонализацијата на содржината да ја подигне на повисоко ниво и да им овозможи на корисниците поинтуитивно и поприродно искуство при откривањето музика и други аудиосодржини. Post navigation Апартманот е само почеток: Колку навистина треба да издвоите за летување со две деца во 2026 година Хакерски напад ја блокира Романија: Избришани катастарски податоци, запрен прометот со недвижности