Романскиот пазар на недвижности се соочува со сериозен застој по голем кибернетички напад врз Националната агенција за катастар и огласување на недвижности (ANCPI), при што хакер избришал голем дел од податоците во катастарскиот систем откако, според информациите, не успеал да изнуди откуп. Инцидентот привремено ги блокираше услугите поврзани со евиденцијата на сопственоста, но романските власти тврдат дека располагаат со офлајн резервни копии и веќе работат на обновување на системот. Според специјализирани медиуми за сајбер безбедност, напаѓачот најпрво успеал да добие пристап до информатичкиот систем на агенцијата, наводно користејќи валидни кориснички податоци. Потоа на хакерски форум објавил пораки со кои ја презел одговорноста за нападот и тврдел дека поседува чувствителни информации, меѓу кои податоци за граѓани, копии од изворниот код на клучните системи на институцијата и сопствен ransomware софтвер. Откако барањето за откуп не било исполнето, хакерот, според достапните информации, ги избришал податоците до кои имал пристап, вклучително и интерни документи, кориснички акредитиви и катастарски записи. Нападот сериозно го наруши функционирањето на системот, поради што во моментов не можат да се обработуваат голем број постапки поврзани со недвижности. Последиците најсилно ги почувствува секторот за промет со недвижности. Нотарите не можат да заверуваат купопродажни договори, да впишуваат хипотеки или да издаваат изводи од катастарските книги, додека граѓаните привремено останаа без можност да добијат официјална потврда за сопственоста на своите имоти. Со оглед на тоа што во Романија годишно се реализираат меѓу 150.000 и 170.000 продажби на станбени објекти, прекинот на работата создаде сериозни проблеми за целиот пазар. Во меѓувреме, идентитетот на хакерот, кој на дарк веб настапувал под псевдонимот ByteToBreach и претходно бил поврзуван со напад врз шведски портал за електронска управа, наводно бил откриен. Од ANCPI првично соопштија дека станува збор за технички проблеми, но подоцна потврдија дека институцијата била цел на кибернетички напад. Во најновото соопштение наведуваат дека досегашните проверки покажале оти техничките и правните бази на податоци не биле трајно компромитирани и дека е започната обемна обнова на информатичката инфраструктура. Во рамки на процесот, апликациите на агенцијата се префрлаат во државниот облак, а операцијата ја координира Специјалната телекомуникациска служба на Романија. По завршувањето на миграцијата ќе следува детална проверка на сите системи и податоци, по што ќе биде утврден рокот за постепено враќање на електронските услуги во функција. Од институцијата нагласуваат дека изолацијата на погодените системи и нивното привремено исклучување биле неопходни за да се заштити интегритетот на податоците и да се елиминираат сите безбедносни слабости пред повторното активирање на сервисите. Воедно, ANCPI ги повика граѓаните и медиумите да се потпираат исклучиво на официјалните информации, предупредувајќи дека непроверените тврдења кои се шират во јавноста можат дополнително да создадат конфузија и да ја нарушат довербата во институциите. Властите уверуваат дека обновата на системот е во тек и дека услугите ќе бидат враќани во функција по завршувањето на сите безбедносни проверки. Post navigation Нова ера за стримингот: Spotify ќе овозможи разговор со вештачка интелигенција за персонализирани музички препораки Forbes објави листа на најбогатите имигранти во САД: 144 милијардери поседуваат богатство од 2,2 трилиони долари