gold and silver round analog watch

Колекционерите на луксузни часовници во моментов имаат можност да набават некои престижни модели по поповолни цени, особено оние изработени од жолто злато. Падот на вредноста на златото во последниот период се одрази и на пазарот на половни часовници, а меѓу моделите што привлекуваат внимание е „Ролекс дејтона ојстерфлекс“ (Rolex Daytona Oysterflex).

Според податоците од Bloomberg Subdial Index, кој ги следи 50-те најтргувани луксузни часовници според вредноста на трансакциите, цената на овој модел паднала за околу четири проценти од април. Намалувањето следи по падот на пазарот на злато, кој започна по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Иако падот не е голем, тој претставува промена на трендот што беше забележан во текот на 2025 година. Тогаш, 13 модели со златно куќиште што се следат во индексот забележаа просечен раст од речиси девет проценти, во период кога цената на златото бележеше силен пораст.

Во последните месеци, сепак, пазарот на половни златни часовници покажува знаци на забавување. Експертите посочуваат дека растот на цената на благородните метали има значително влијание врз вредноста на часовниците, особено кај моделите каде златото е еден од главните елементи.

„Брзото зголемување на цените на благородните метали во изминатите години стана важен фактор за овој сегмент од пазарот“, изјави Оливе Милер, основач на консултантската компанија „Лукс консалт“, која се занимава со анализа на луксузната индустрија. Според него, производителите дополнително влијаат врз пазарот со нови производствени техники што овозможуваат намалување на количината на користено злато преку изработка на полесни и шупливи компоненти.

Сепак, не сите луксузни часовници ја следат истата динамика. Најбараните модели остануваат релативно стабилни, без оглед на промените на пазарот на злато. Податоците покажуваат дека десетте најпопуларни часовници во индексот, меѓу кои се пет златни модели од брендовите „Ролекс“ и „Патек Филип“, пораснале за нешто повеќе од два проценти од април.

Ова покажува дека вредноста на секундарниот пазар не зависи само од материјалот од кој е направен часовникот, туку и од брендот, историјата, ограничената достапност и побарувачката меѓу колекционерите.

„Култните брендови, легендарните модели и часовниците со врвна изработка продолжуваат да го движат пазарот“, изјави Александар Нусбахер, директор за податоци во платформата „Сабдајл“, која се занимава со трговија и анализа на луксузни часовници.

Пазарот на злато во меѓувреме помина низ значајна корекција. Цената на благородниот метал падна за повеќе од 20 проценти по завршувањето на долг период на раст, поттикнат од зголемената побарувачка и економската неизвесност.

За купувачите кои бараат инвестиција или колекционерски примерок, сегашниот момент може да претставува интересна можност, особено за модели од злато кои претходно достигнаа високи цени. Сепак, експертите предупредуваат дека кај најпрестижните часовници пресудни остануваат реткоста, репутацијата на брендот и долгорочниот интерес на колекционерите, а не само движењето на цената на златото.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *