recession, economy, 3d man, magnifying glass, analysis, examination, depression, business, national economy, production, employment, arrow, descending, speculation, financial world, financial crisis, finance, economic crisis, loss, world economy, capital, banks, stock exchange, win, recession, recession, recession, recession, recession

Предизборните ветувања често звучат како план за подобар живот, но вистинскиот тест за секоја власт доаѓа по преземањето на одговорноста, кога бројките треба да покажат што навистина е направено. Новата анализа на Институтот за економски анализи и политики Finance Think ги споредува најавите од Владината програма за периодот 2024-2028 со досегашните резултати и покажува дека дел од клучните цели се движат во позитивна насока, но кај некои области постои значително заостанување.

Истражувањето опфаќа 44 конкретни и мерливи ветувања за кои постојат показатели преку кои може да се следи нивната реализација. Според анализата, осум индикатори се движат во посакуваната насока, но неколку важни економски и социјални области покажуваат сериозни отстапувања од планираното.

Еден од најголемите предизвици останува инфлацијата. Наместо ветеното ниво од 2,5 проценти, растот на цените во 2025 година изнесувал 4,1 процент. Дополнителен проблем претставува падот на странските директни инвестиции, кои во 2024 година се намалиле на 1,5 проценти од бруто домашниот производ, иако целта била нивно зголемување до 6,6 проценти. Според Finance Think, дел од причините се глобалните економски движења, трговските тензии и забавувањето на инвестицискиот циклус во Европа, но постои и домашен проблем поврзан со потребата од нова стратегија за привлекување инвестиции.

Невработеноста бележи намалување, но темпото не е доволно брзо за да ги следи поставените цели. За 2025 година беше предвидено стапката на невработеност да се намали на 10,7 проценти, но реално изнесувала 11,5 проценти. За да се достигне планираното ниво од 7,5 проценти до 2028 година, ќе биде потребно значително побрзо намалување во следниот период.

Во делот на јавните финансии, анализата покажува одредено подобрување преку постепено намалување на буџетскиот дефицит и задржување на јавниот долг во близина на 60 проценти од БДП. Сепак, дефицитот и понатаму останува над планираните вредности, додека јавниот долг во 2025 година бил понизок од очекуваното.

Посебно внимание е посветено на ветувањата за раст на платите во јавниот сектор. Според Finance Think, реалното зголемување на платите во јавната администрација, образованието, здравството, културата и другите јавни служби во 2025 година изнесувало 1,9 проценти, што е помалку од реалниот економски раст. Експертите оценуваат дека ова треба да се гледа во контекст на значителниот раст на платите во претходната година, но посочуваат дека динамиката и понатаму треба внимателно да се следи.

Кај приватниот сектор, единственото целосно реализирано ветување поврзано со поддршка на бизнисите е зголемувањето на буџетот на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Од друга страна, капиталните инвестиции остануваат една од најслабите точки. Иако беше ветено минимално годишно ниво од 750 милиони евра, реализацијата во 2025 година изнесувала околу 462 милиони евра, односно 62 проценти од планираното.

Експертите предупредуваат дека ниската реализација на капиталните проекти не е само буџетски проблем, туку директно влијае врз инфраструктурата, продуктивноста и долгорочниот економски раст. Според нив, со години се повторува истиот модел – високи планови во буџетите, а потоа намалување на средствата преку ребаланси и пониска реализација.

Проблеми се забележуваат и во земјоделството. Финансиската поддршка за секторот има тренд на намалување и е далеку под ветеното ниво. Додека програмата предвидуваше најмалку 180 милиони евра годишно, средствата се намалиле од 148,8 милиони евра во 2024 година на 116,5 милиони евра во проекцијата за 2026 година. Finance Think оценува дека ваквиот тренд може дополнително да ја намали конкурентноста на земјоделството, сектор кој веќе се соочува со ниска продуктивност и иселување од руралните средини.

Најслаб резултат според анализата има социјалната политика. Петте следени ветувања за зголемување на надоместоците за најранливите категории граѓани не се исполнети, а отстапувањата се движат меѓу 6 и 31 процент под планираните нивоа. Особено загрижувачки е што ниту еден од анализираните надоместоци не го достигнал ветениот износ, што според експертите може дополнително да ја зголеми ранливоста на лицата кои најмногу зависат од државната поддршка.

Во пензискиот систем дел од ветувањата се реализирани преку зголемување на пензиите, но Finance Think предупредува дека ваквите мерки создаваат дополнителен притисок врз одржливоста на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Според анализата, потребна е подлабока реформа која ќе обезбеди рамнотежа меѓу растот на расходите и стабилноста на приходите.

Институтот предлага Владата да направи јавна ревизија на сите мерливи ветувања и да покаже кои цели можат реално да се исполнат, а кои треба да се коригираат. Меѓу препораките се и итно зголемување на социјалните надоместоци, подобрување на реализацијата на капиталните инвестиции, нов пристап кон привлекување странски инвестиции и поефикасна борба против сивата економија.

Анализата покажува дека најголемиот предизвик не е само во поставувањето амбициозни цели, туку во нивното претворање во конкретни резултати. За граѓаните, вистинското мерење на секоја владина програма не се бројките во предизборните документи, туку промените што ги чувствуваат во секојдневниот живот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *