A professional team in a tense business meeting discussing financial documents.

Историјата на најголемите светски компании и брендови покажува дека патот до успехот ретко е едноставен. Зад многу познати имиња стојат приказни за одбивања, потценување и неуспеси кои, наместо да ги обесхрабрат нивните основачи, станале поттик за уште поголема упорност. Токму затоа денес голем број претприемачи се сметаат за доказ дека едно „не“ не мора да биде крај, туку може да претставува почеток на нешто многу поголемо.

Во деловниот свет одбивањето е секојдневие. Стартапите не добиваат инвестиции, кандидатите остануваат без работни места, а иновативните идеи честопати се оценуваат како премногу ризични или недоволно убедливи. Сепак, времето покажува дека вистинскиот потенцијал ретко може да се препознае уште во самиот почеток.

Еден од најпознатите примери доаѓа од музичката индустрија. Во раните шеесетти години британската издавачка куќа Decca одбила да потпише договор со тогаш непознатиот бенд „Битлси“, сметајќи дека гитарската музика го губи своето значење. Неколку години подоцна токму оваа група стана еден од највлијателните музички состави во историјата.

Слична приказна има и британската писателка Џ. К. Роулинг. Нејзиниот ракопис за „Хари Потер“ бил одбиен од повеќе издавачи пред конечно да биде објавен. Денес оваа книжевна серија е меѓу најпродаваните и најуспешните во светот, а приказната за младиот волшебник е претворена во глобален бренд.

Во автомобилската индустрија, Феручо Ламборџини е пример како едно разочарување може да создаде светски позната компанија. По критиките што му ги упатил на Енцо Ферари за квалитетот на неговите автомобили, наместо да биде сослушан, бил потценет. Наместо да се повлече, решил да произведе сопствен спортски автомобил, а неговата компанија денес е симбол на луксуз и врвни перформанси.

И самиот Енцо Ферари се соочил со тешкотии во почетоците на кариерата. Како млад не успеал да ја добие посакуваната позиција во Alfa Romeo, но тоа не го спречило подоцна да ја изгради компанијата која ќе стане едно од најпрепознатливите имиња во автомобилската индустрија.

Приказната на Џејмс Дајсон уште еднаш покажува колку упорноста може да биде пресудна. Пред да ја претстави својата револуционерна правосмукалка без вреќа, тој изработил повеќе од пет илјади прототипови. Наместо да се откаже по бројните неуспешни обиди, продолжил да ги усовршува своите идеи сè додека не создаде производ што го промени пазарот на апарати за домаќинство.

И коосновачот на Apple, Стив Вознијак, на почетокот не наишол на разбирање. Неговиот концепт за персонален компјутер бил одбиен повеќе пати од компанијата Hewlett-Packard, која не препознала дека станува збор за технологија што ќе ја промени иднината на компјутерите. Подоцна токму неговите идеи станаа темел на една од највредните технолошки компании во светот.

Меѓу најпознатите примери е и Џек Ма. Пред да ја основа Alibaba, тој повеќепати бил одбиен при вработување. Една од најпознатите приказни е онаа кога KFC отвори ресторан во неговиот град. Од дваесет и четворица кандидати, единствено тој не бил примен. Наместо да се откаже, продолжил да работи на своите идеи и подоцна ја создаде компанијата што прерасна во еден од глобалните лидери во електронската трговија.

Историјата бележи и бројни случаи кога токму компаниите што одбиле некоја идеја подоцна платиле висока цена. Интернет-компанијата Excite своевремено имала можност да го купи Google за само 750.000 долари, но проценила дека пребарувачот нема доволен потенцијал. Денес Google е една од највредните технолошки компании во светот и практично незаменлив дел од секојдневниот живот.

Слична ситуација се случила и во индустријата за видеоигри. Nintendo се повлекол од заедничкиот проект со Sony за развој на нова конзола, по што Sony самостојно го лансирал PlayStation. Конзолата со текот на времето прерасна во еден од најуспешните брендови во гејминг индустријата.

Сите овие примери ја потврдуваат истата порака – одбивањето не претставува конечна пресуда за вредноста на една идеја или на човекот што стои зад неа. Често станува збор за погрешна проценка, различен момент или недоволно разбирање на потенцијалот. Токму затоа многу од најголемите светски претприемачи не се паметат по неуспесите што ги доживеале, туку по тоа што не дозволиле тие да ги спречат да продолжат напред.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *