Германскиот автомобилски гигант Volkswagen повторно се соочува со сериозни финансиски предизвици. Компанијата објави нето загуба од 1,07 милијарди евра за третиот квартал од 2025 година, што е уште еден удар за брендот кој веќе неколку квартали се обидува да ја стабилизира својата состојба по серијата економски и репутациски потреси. Во периодот од јануари до септември, групацијата VW забележала пад на нето добивката за повеќе од 60 проценти — од 8,8 милијарди евра минатата година на само 3,4 милијарди евра оваа година. Според официјалното соопштение, на резултатите силно влијаеле трошоци во вкупна вредност од 7,5 милијарди евра, меѓу кои се вклучени американските царини, промените во производната стратегија на Porsche, како и нарушувањето на репутацијата на нејзината спортска дивизија. Главниот финансиски директор на компанијата, Арно Антиц, изјави дека само корекциите и отписите поврзани со Porsche чинеле 4,7 милијарди евра, што дополнително го оптовари буџетот. Тој нагласи дека нето паричниот тек во првите девет месеци од 2025 година е намален за речиси половина во однос на истиот период лани, главно поради зголемени одливи од оперативните активности и последиците од американските тарифи, како и стекнувањето на дополнителен удел во Rivian. Сепак, дел од пазарите успеале да покажат отпорност. Продажбата во Јужна Америка пораснала за 13 проценти, во Западна Европа за 4 проценти, а во Централна и Источна Европа за 11 проценти. Овие резултати делумно ги ублажија падовите во Кина и Северна Америка, каде што продажбата се намалила за 2, односно 11 проценти. „Оваа година ни донесе мешана слика. Горди сме на пазарниот успех на нашите класични и електрични модели, како и на напредокот во реструктуирањето на компанијата. Но, финансискиот резултат е значително послаб од минатата година, што покажува дека пред нас има уште многу работа,“ изјави Антиц. Volkswagen се наоѓа во клучен момент на трансформација, со амбициозни планови за електрификација, но и со зголемени притисоци од глобалната конкуренција, нестабилните пазари и сè построгите регулаторни политики. Сегашниот резултат покажува дека патот кон стабилноста ќе биде долг и комплексен, но компанијата уверува дека останува посветена на стратегијата за обновување и раст. Post navigation Автомобилска тревога во Европа: Недостигот на чипови може да го запре производството за неколку дена! Европа тргнува кон дигитална револуција: ЕЦБ го подготвува лансирањето на дигиталното евро до 2029 година!