Жестокото ривалство меѓу OpenAI и Anthropic не само што ја обликува иднината на вештачката интелигенција, туку сега се префрла и на финансиските пазари, каде двете компании водат трка за едно од најочекуваните берзански дебиња во историјата на технолошкиот сектор.

Според извори блиски до компаниите, натпреварот меѓу извршните директори Сем Алтман и Дарио Амодеи станал клучен двигател на иновациите во индустријата за генеративна вештачка интелигенција. Токму оваа конкуренција, велат познавачите на секторот, придонела за забрзаното појавување на производи кои денес ги користат стотици милиони луѓе ширум светот.

Корените на ова ривалство се протегаат неколку години наназад. Амодеи беше еден од водечките истражувачи во OpenAI и учествуваше во развојот на технологиите што подоцна станаа основа за ChatGPT. Во 2020 година тој ја напушти компанијата заедно со група соработници и ја основа Anthropic, стартап кој од самиот почеток се позиционираше како компанија што ќе стави поголем акцент на безбедноста и контролата на вештачката интелигенција.

Конкуренцијата дополнително се интензивираше кон крајот на 2022 година, кога OpenAI дознал дека Anthropic развива сопствен разговорен AI систем. Според повеќе извори, оваа информација го натерала Алтман да побара забрзано лансирање на конкурентен производ. Само неколку недели подоцна беше претставен ChatGPT, кој за кратко време стана најбрзо растечката потрошувачка апликација во историјата и го означи почетокот на глобалниот бум на генеративната вештачка интелигенција.

Денес двете компании се меѓу највредните приватни технолошки фирми во светот, а нивната борба се води на повеќе фронтови. Освен што се натпреваруваат во развојот на нови модели и услуги, тие се подготвуваат и за излегување на берза, при што секоја сака прва да го освои вниманието на инвеститорите и да ја постави рамката според која ќе се вреднува целиот AI сектор.

Anthropic неодамна направи доверлива пријава до американските регулатори за иницијална јавна понуда на акции, со што го презеде водството во трката. Само една недела подоцна ист чекор направи и OpenAI. Според претходни проценки, OpenAI би можел да излезе на берза со вредност од околу еден трилион долари, што би претставувало едно од најголемите технолошки листирања досега.

Поради големината на планираните понуди, двете компании соработуваат со дел од истите инвестициски банки и финансиски советници. Тоа создава дополнителни предизвици за финансиските институции, кои мораат внимателно да ги раздвојуваат тимовите што работат на проектите за да спречат можни конфликти на интереси и протекување доверливи информации.

Ривалството не се ограничува само на производите и берзата. Компаниите водат и различни стратегии во претставувањето на финансиските резултати. OpenAI смета дека Anthropic користи методологија која прикажува повисоки приходи отколку што реално остануваат во компанијата, додека Anthropic возвраќа дека работи според воспоставените сметководствени стандарди и дека нејзиниот пристап е целосно оправдан.

Во меѓувреме, натпреварот во развојот на технологијата продолжува со несмалено темпо. Anthropic успеа да се наметне како сериозен конкурент со својот четбот Claude и со алатките за програмирање базирани на вештачка интелигенција, додека OpenAI останува лидер кај потрошувачките производи преку ChatGPT. Секоја нова надградба или лансирање од едната компанија речиси неизбежно предизвикува брза реакција од другата.

Односите дополнително се влошија по драматичните случувања во OpenAI во 2023 година, кога Алтман накратко беше сменет од функцијата извршен директор. Во тој период се разгледувале различни сценарија за иднината на компанијата, вклучително и можност за поширока соработка со Anthropic. Иако тие идеи никогаш не се реализираа, настаните оставија трајни последици врз односите меѓу двете организации.

Последните месеци несогласувањата стануваат сè појавни и во јавноста. Алтман и Амодеи неколкупати разменуваа критики околу деловните практики, маркетинг стратегиите и пристапот кон развојот на вештачката интелигенција. Аналитичарите сметаат дека оваа лична и деловна пресметка меѓу двајцата лидери претставува една од најзначајните конкурентски битки во современата технолошка индустрија.

Додека инвеститорите со внимание ги следат подготовките за нивните берзански дебитанти, едно е јасно – конкуренцијата меѓу OpenAI и Anthropic продолжува да го диктира темпото на развој на вештачката интелигенција и да влијае врз начинот на кој оваа технологија се интегрира во секојдневниот живот и глобалната економија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *