Продажбата на автомобили во Европа продолжи да расте трет месец по ред во април, поттикната од зголемената побарувачка за електрични и хибридни возила, покажуваат податоците на Европската асоцијација на производители на автомобили. Новите регистрации на возила се зголемиле за 7% и достигнале околу 1,15 милиони единици, при што раст е забележан на клучните пазари како Германија и Обединетото Кралство. Посебно силен бил скокот кај електричните возила, со зголемување на испораките од 38%. Овој тренд претставува позитивен сигнал за европските производители кои се соочуваат со предизвици како вишок производствени капацитети, трговски тензии со САД и послаба побарувачка на кинескиот пазар. Растот на продажбата на електрични автомобили е поддржан од поевтини модели на домашни производители како Volkswagen и Stellantis, но и од сè посилното присуство на кинески брендови предводени од BYD. Во Германија, најголемиот европски пазар, каде што се воведени нови субвенции, продажбата на електрични возила пораснала за 41%. Во исто време, се забележува и зголемување на продажбата на хибридни модели, додека бензинските и дизел возилата бележат пад, што укажува на продолжена структурна промена на пазарот кон возила со батерии. Иако побарувачката за поевтини електрични автомобили расте, премиум сегментот сè уште се соочува со слаб интерес. Тоа беше забележливо и кај Ferrari, чиј прв електричен модел не ги исполни очекувањата на дел од аналитичарите и инвеститорите. Tesla исто така продолжи со закрепнување на европскиот пазар, со раст на продажбата од 47% во април, по претходен период на пад. Позитивни резултати забележаа и Volkswagen, Stellantis, Mercedes-Benz и BMW. Сепак, аналитичарите предупредуваат дека геополитичките тензии, вклучително и конфликтот на Блискиот Исток, може да влијаат на потрошувачката преку зголемување на цените на енергијата и намалување на довербата кај купувачите. Во меѓувреме, кинеските производители продолжуваат да го зајакнуваат своето присуство во Европа, со значителен раст на брендови како Geely, BYD и особено Chery, која забележа експлозивен раст од 322%, поттикнат од зголемена популарност на нејзините SUV модели во Велика Британија. Промените на европскиот автомобилски пазар укажуваат на јасен тренд на електрификација, но и на растечка конкуренција од кинеските производители кои брзо освојуваат пазарен удел. Post navigation HP ги надмина очекувањата на Волстрит благодарение на побарувачката за AI компјутери Властите отворија истрага против ФИФА по жалби за билети за Мундијалот 2026