Sony претстави нова верзија од својот пренослив уред за лично ладење Reon Pocket Pro Plus, наменет за корисници кои сакаат полесно да се справат со високите летни температури. Станува збор за компактен уред што се носи под облеката, а преку специјално прилагодлива јака се поставува на задниот дел од вратот, каде што го лади телото и овозможува чувство на освежување во текот на денот. Новата генерација доаѓа со подобрени перформанси и поефикасно ладење. Од Sony велат дека уредот нуди до 20 проценти подобар ефект во споредба со претходниот модел, а плочата за ладење може да достигне температура и до два степени пониска од порано. За таа цел се користи плоча од не’рѓосувачки челик, која директно прилега на телото и ја намалува температурата во пределот на вратот и горниот дел од грбот, делови од телото што најбрзо реагираат на промени на температурата. Reon Pocket Pro Plus е опремен со сензори кои ја следат температурата на кожата и околината, со цел автоматски да го прилагодува работењето и да обезбеди поголема удобност при користење. Контролата може да се врши преку копчиња на самиот уред, но главните функции се управуваат преку мобилна апликација, што овозможува полесно менување на режимите додека уредот е скриен под облеката. Во пакетот доаѓа и Pocket Tag од втора генерација, мал додаток што може да се прикачи на торба или ремен. Неговата задача е да ги мери температурата и влажноста на воздухот околу корисникот, со што системот добива попрецизни информации за надворешните услови и поефикасно го регулира ладењето. Sony направил и промени во дизајнот за поудобно носење. Новата флексибилна јака е постабилна при движење и полесни физички активности, додека системот за исфрлање на топол воздух е подобрен за да се намали враќањето на топлината под облеката. Иако уредот не е целосно незабележлив, особено под тенка облека, компанијата нагласува дека фокусот е ставен на практичноста, а не на модниот изглед. Батеријата овозможува работа до десет часа, но тоа се однесува на поумерен режим на користење, додека при максимално ладење автономијата е пократка. За дополнителна безбедност е вграден и систем за автоматско исклучување во случај на прегревање. Покрај функцијата за ладење, уредот може да работи и во режим за греење, што го прави употреблив и во зимските месеци како личен регулатор на температурата. Sony Reon Pocket Pro Plus веќе е достапен на британскиот пазар по цена од 199 фунти, додека во европските земји се продава за 229 евра. Post navigation Вака Муерта ја менува енергетската мапа: Аргентина станува нов центар на шкрилната нафта WhatsApp воведува платена претплата: корисниците ќе плаќаат за дополнителни функции