Германскиот суд во Бремен во среда треба да донесе одлука во случај кој се однесува на наводно доведување во заблуда на потрошувачите од страна на прехранбениот гигант Mondelez International, поради промена во тежината на популарните чоколадни производи Milka. Спорот се однесува на намалување на тежината на чоколадите од 100 на 90 грама, при што амбалажата речиси останала непроменета. Тужбата ја поднела организација за заштита на потрошувачите од Хамбург, која тврди дека ваквата промена е недоволно транспарентна и дека купувачите тешко можат да забележат дека производот е намален. Според нивните наводи, новата чоколадна табла е само минимално потенка, додека дизајнот на пакувањето останал речиси идентичен, што дополнително ја отежнува разликата за потрошувачите. Одлуката на судот се очекува да биде објавена неколку недели по завршувањето на сослушувањето и би можела да има пошироки последици за практиките во прехранбената индустрија, особено во контекст на таканаречената „срикинфлација“, односно појава кога производителите ја задржуваат истата цена, но ја намалуваат количината или тежината на производот. Овој феномен во последните години е предмет на зголемени критики од организации за заштита на потрошувачите низ Европа. Компанијата Mondelez, која е сопственик на брендот Milka и има седиште во Германија, ги отфрла обвинувањата. Од таму тврдат дека новата тежина е јасно наведена на амбалажата и дека потрошувачите се соодветно информирани за промената. Случајот во Бремен се следи со големо внимание, бидејќи може да постави важен преседан во однос на тоа колку производителите смеат да менуваат количини на производи без јасни и видливи промени во пакувањето. Post navigation Google го претстави Googlebook: нова ера на лаптопи со вештачка интелигенција Големите вложувања во електрични возила ја турнаа Хонда во минус