Јапонија за многумина е земја на контрасти – место каде што иднината и традицијата живеат рамо до рамо. За Ангела Игнатова, професор по германски јазик од Кочани, патувањето во Токио и Кјото било многу повеќе од туристичка авантура. Тоа било искуство што целосно ѝ го променило погледот кон организацијата, културата, технологијата и секојдневниот живот. Во разговорот таа открива што најмногу ја изненадило во Јапонија, како изгледа животот во еден од најорганизираните системи во светот и што би сакала да го донесе кај нас од јапонскиот начин на живеење.

Што ти беше првиот „културен шок“ кога слета во Токио и како реагираше во тој момент?

Првиот вистински „културен шок“ го доживеав веднаш по слетувањето во Токио. Иако станува збор за еден од најголемите градови во светот, првото нешто што ме погоди беше тишината и организираноста. Посебно во метро, и во лифт па дури и на најфреквентните улици – луѓето зборуваат тивко, не туркаат, не викаат и секој го почитува личниот простор. Во првиот момент бев збунета, бидејќи доаѓаме од многу поопуштена и
погласна култура, но многу брзо почнав да уживам во тој ред и смиреност.

Како би го опишала однесувањето и менталитетот на Јапонците во секојдневни ситуации, и што најмногу те изненади во нивната култура?

Јапонците би ги опишала како исклучително дисциплинирани, културни и внимателни кон другите. Она што најмногу ме изненади е колку многу размислуваат за колективот, а не само за себе. На пример, луѓето трпеливо чекаат ред без туркање, а вработените секогаш се љубезни и професионални. Дури и кога не знаеја англиски, се трудеа да помогнат. Ако ги замолиш за фотографија,тие се спремни да ти направат 10, само да добиеш една совршена.  Нешто што нема да го заборавам е кога вработениот од хотеот ми се извини оставајќи ми порака во собата како не се осмелил да ја земе чашата бидејќи останало малку кафе и не бил сигурен дали сакам да го допијам. Имав чувство дека почитта е вградена во секојдневната комуникација и тоа навистина остава впечаток.

Од сите градови што ги посети  каде најмногу се почувствува  разликата меѓу иднината и традицијата?

Најсилно ја почувствував разликата меѓу иднината и традицијата воKyoto и Tokyo. Во Токио имаш чувство дека си влегол во иднината –огромни екрани, роботи, автоматизација, брзи возови и технологија на секој чекор. А потоа во Кјото, само неколку часа подалеку, гледаш древни храмови, традиционални куќи, луѓе во кимона и мирна атмосфера која изгледа како времето да застанало. Токму таа комбинација ја прави
Јапонија толку посебна.

Дали имаше ситуација каде што технологијата целосно ти го промени начинот на кој се движиш, комуницираш или функционираш како турист?

Да, технологијата буквално ми го олесни целото патување. Најмногу ме воодушеви железничкиот систем, особено Shinkansen. Со апликации за превоз и навигација можев прецизно да знам од кој перон тргнува возот, во колку часот пристигнува и колку точно ќе трае патувањето. Дури и плаќањето беше лесно – многу работи функционираат бесконтактно и автоматизирано. Како турист, имаш чувство дека системот е направен за
да ти заштеди време и стрес.

 Имаше ли момент кога се почувствува изгубено или збунето во толку организиран и технолошки напреден систем, и како се снајде?

И покрај совршената организација, имав моменти кога се почувствував изгубено, особено на огромните станици во Токио и Osaka. Некои станици имаат десетици излези и линии, па лесно можеш да се збуниш. Во почетокот ми беше стресно, но сфатив дека најважно е да останеш смирен и да ги следиш ознаките. Сè е толку добро означено што, иако можеби ќе згрешиш излез, повторно брзо се снаоѓаш. А Јапонците секогаш беа подготвени да помогнат.

Како просфетен работник, како би го споредила образованието кај нас и во Јапонија во однос на користењето на технологијата – и каде најмногу заостануваме?  

Како просветен работник, мислам дека најголемата разлика е што во Јапонија технологијата не се користи само како „додаток“, туку како природен дел од образованието и секојдневното функционирање. Учениците уште од мали се учат на дисциплина, одговорност и практична примена на технологијата. Кај нас често имаме технологија, но не и системска примена или доволна обука. Не заостануваме само во опрема, туку и во начинот на размислување – како технологијата да се користи паметно,
организирано и долгорочно. Инаку училишната година им почнува од април. Тоа што посебно ми се допадна беа униформите на учиниците. Сите изгледаа исто дури и носеа исти ранец за училиште. Беа прекрасни за гледање, а и така не покажуваат разлика во опшеството.

После целото искуство, што е една работа што би сакала веднаш да ја „донесеш“ кај нас, и една што мислиш дека никогаш не би функционирала тука?  

После целото искуство, една работа што веднаш би сакала да ја „донесам“ кај нас е културата на почитување на јавниот простор и редот како и почитта кон другите.  Тоа многу го подобрува секојдневниот живот – од сообраќај, до јавен превоз и комуникација меѓу луѓето. Мислам тоа најмногу ќе ми фали, посебно откако бидов дека во Јапонија
и срните се поклонуваат на луѓето.  А една работа што мислам дека тешко би функционирала кај нас е нивното ниво на строго придржување кон правила и рутини. Во Јапонија системот функционира затоа што речиси сите го почитуваат без исклучок, додека кај нас луѓето се поимпровизаторски настроени и потешко прифаќаат толкава дисциплина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *