Францускиот автомобилски производител „Рено“ повторно влегува во одбранбената индустрија и започнува производство на воени дронови, со што компанијата по повеќе од дваесет години се враќа во секторот на воена технологија. Производството ќе се одвива во фабриката во Ле Ман, каде што веќе се финализира новата производствена линија за беспилотниот систем „Чорус“. Дронот се развива во соработка со француската воздухопловна компанија „Туржис Гајард“, а првите прототипови се очекува да бидат готови во текот на летото. Тестирањата треба да започнат во септември, додека сериското производство е планирано до крајот на 2026 година. Станува збор за голем воен дрон со распон на крилја од осум метри и дострел од неколку илјади километри. Според најавите, леталото ќе може да се користи за извидувачки мисии, но и за носење експлозивен товар тежок неколку стотици килограми. Враќањето на „Рено“ во одбранбениот сектор доаѓа по силен притисок од француската држава, која е сопственик на 15 проценти од компанијата. Француските власти во последните години настојуваат да ја вклучат цивилната индустрија во производството на воена опрема, особено во услови на растечки безбедносни тензии и зголемени европски инвестиции во одбраната. Клучен поттик за проектот бил тендерот што „Рено“ го доби во 2024 година од Француската агенција за вооружување за развој на роботи за деминирање. По тој проект, компанијата била вклучена и во програмата за развој на воени дронови. Француската влада очекува искуството на „Рено“ во масовното индустриско производство значително да ги намали трошоците за изработка на беспилотни системи. Според проценките, користењето стандардизирани автомобилски компоненти и производствени методи би можело да ги намали трошоците за производство дури четири до пет пати во споредба со класичните крстосувачки ракети. Фабриката во Ле Ман, кога ќе работи со полн капацитет, би можела да произведува до 600 дронови месечно. Дел од компонентите, вклучително и малите мотори, ќе се изработуваат во фабриката на „Рено“ во Клеон, во Нормандија. Компанијата уверува дека новиот проект нема да влијае врз производството на автомобили и дека не станува збор за пренамена на постојните автомобилски капацитети. Сепак, интересот кај работниците веќе е голем, па речиси 100 вработени од фабриката во Ле Ман аплицирале за учество во првата фаза од производството. Во почетната етапа ќе бидат ангажирани околу 30 работници во две смени, а бројот на вработени ќе расте паралелно со зголемувањето на производството. „Рено“ и „Туржис Гајард“ за проектот добија државен договор вреден околу 90 милиони евра. Покрај дроновите, компанијата веќе работи и на други воени технологии, меѓу кои копнен дрон со погон 4×4 и мобилен команден центар што би се развивал во соработка со француската групација „Талес“. Post navigation Технолошките гиганти предупредуваат: Вештачката интелигенција удира во физички лимити Додека западните брендови се повлекуваат, „Мекдоналдс“ агресивно се шири во Кина