На 9 Мај – Денот на Европа, кога целиот континент ги слави мирот, единството и заедничките европски вредности, разговараме со Иван, млад европски амбасадор од Македонија, чија лична и професионална приказна е тесно поврзана со идејата за европска соработка. Во искрен и инспиративен разговор, тој говори за значењето на Европа за младите, предизвиците на дигиталната ера, важноста на медиумската писменост и можностите што ги нуди европската перспектива. Иван испраќа јасна порака – дека иднината на Македонија ја градат информирани, образовани и самоуверени млади луѓе кои веруваат во заедништво, дијалог и напредок.

Иван, денес се одбележува 9 Мај, Денот на Европа. Што овој ден значи за Вас лично?

– Денот за Европа за мене претставува многу значаен ден и момент кој го доживувам како вистински празник. Тоа е датум кој ме враќа на почетоците на моето образование, кога се роди мојата љубов кон меѓународните односи и дипломатијата, поточно на деновите кога за прв пат се запознав со Шумановата декларација и нејзиното значење за основањето на Европската Унија и целиот континент Европа. Генерално, можноста континентот да живее во мирот во кој живее денес е благодарение на овој документ со кој започнало опоравувањето на европските земји по страшната Втора светска војна. Со моите блиски, често се шегуваме, дека ако имав куќна слава, тогаш тоа ќе беше 9 Мај, Денот на Европа.

Во јавноста често се зборува за „европски вредности“. Како тие вредности најконкретно се чувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните?

– Овие вредности се цивилизациски вредности. Кога зборуваме за европските вредности, не зборуваме само за вредностите во сегашните 27 земји на Европската Унија, туку зборуваме за начин на размислување, живеење и делување. Најпластично кажано, сослушувањето на еден со друг, толеранцијата, недискриминацијата и културата на соживот се едни од основните европски вредности, кои силно верувам дека ги имаме и ги негуваме и во нашата држава.

Како изгледа секојдневието на еден млад европски амбасадор во Македонија?

– Денот на еден млад европски амбасадор е навистина динамичен. Сите млади европски амбасадори се веќе млади професионалци, дел од нив се студенти, а дел се веќе во сериозен почеток од својата кариера. Секојдневието е исполнето со балансирање помеѓу професионалните обврски и времето посветено на разговор со други млади луѓе, дали во живо или преку социјалните мрежи. Деновите се посветени и со доедукација на теми како вештини за комуницирање со јавноста, проширување на знаењата за ЕУ и политиката на проширување, како и комуникација со своите колеги млади европски амбасадори од другите пет држави во Западниот Балкан.

Кои се Вашите лични впечатоци за младите во Македонија и нивното гледиште кон европската перспектива?

– Моите лични впечатоци и моето досегашно искуство зборуваат дека во Македонија имаме исклучително квалитетни и капацитетни млади личности. Јас постојано говорам, дека со сите недостатоци на македонското образование, во поглед на инфраструктура, достапност на светска литература и друго, во Македонија има млади луѓе кои не заостануваат и не се воопшто помалку компетентни од младите кои своето образование во целост го стекнале во земјите на ЕУ. Гледиштето на македонските млади кон европската перспектива е светло, затоа што верувам дека многумина веќе ја искусиле таа перспектива, дали преку тренинг курс или младинска размена во рамки на Еразмус+ програмата, дали преку семестар кој како дел од своето образование го поминале во странство, дали преку туристичко патување ползувајќи го безвизниот режим итн.

Денес младите живеат во дигитална ера, со брз развој на вештачката интелигенција, новите технологии и дигиталните професии. Колку Европа инвестира во младите, технологијата и дигиталната трансформација и дали Македонија е подготвена да го следи тој чекор?

– Европа инвестира сериозно во младите и во примена и регулација на најновите трендови, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција. Кога зборуваме за ова, мора да истакнам дека при неодамнешната посета на генералниот секретар на Советот на Европа, кој притоа, да споменам за пошироката публика, претставува тело различно од телата на Европската Унија, Македонија ја потпиша Конвенцијата за вештачката интелигенција. Овој документ отвора сериозен пат и чекор напред кон уредување на придобивките во оваа област. Македонија е дел од Советот на Европа, односно е една од 46 земји членки таму и одлично е што пристапуваме кон ратификацијата на овој текст.

Како младите во Македонија можат подобро да ги искористат европските можности во областа на технологијата, иновациите, стартапите и дигиталните вештини?

– Ги охрабрувам, првенствено, да продолжат да бидат будни и информирани и да ги следат сите активности кои им се нудат на младите кај нас преку европските партнери. Да ги следат будно активностите на WeBalkans, Делегацијата на Европската Унија и Мрежата Europe House која е присутна на дури седум локации – Скопје, Битола. Велес, Струмица, Крива Паланка, Тетово и Струга, на најмногу локации од сите шест држави во регионот.Верувам дека поголемата информираност води и кон поголем сопствен развој преку овие можности. Да ја користиме технологијата за добро, па целото она време кое го поминуваме во дигиталната сфера, нека биде за стекнување нови вештини и дознавање нови корисни информации.

Младите се клучни за иднината. Какви можности нуди Мрежата на млади европски амбасадори во Македонија, но и во целиот Западен Балкан и во ЕУ?

– Мрежата на млади европски амбасадори е дел од поширокиот потфат насловен WeBalkans, кој претставува најголемата регионална комуникациска програма на Европската Комисија преку Генералниот директорат за проширување и источно соседство (DG ENEST) за регионот на Западниот Балкан. Со нашите колеги од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, преку овој проект ние го комуницираме и промовираме токму она кон кое се стремиме и подоцна би го доживеале. Тоа е регионалната соработка како вид на европска соработка, како вид на европска вредност и пример дека имаме многу повеќе нешта кои ги поврзуваат овие простори, отколку кои ги разделуваат. Мрежата нуди најразлични можности за своите членови – од обуки за вештини, до можности да прераснете во вистински влијателен комуникатор, до професионални патувања, вмрежување и развој и секако почеток и влез во дипломатскиот свет.

Иван, живееме во време на глобални предизвици – од климатски промени до дезинформации и брз технолошки развој. Колку е важна заедничката европска акција денес?

– Заедничката акција и обединетост се поважни отколку од било кога. За жал, немилите случувања во светот постојано го потврдуваат ова. Никој не е посилен самостојно и сите ние сме посилни заедно, така било и низ историјата, така е и денес.

Колку младите денес се свесни за опасностите од дезинформации и злоупотреба на социјалните мрежи и каква улога имаат европските иницијативи во градење медиумска писменост?

– Како млад човек, на крајот на денот, верувам дека технологијата и социјалните мрежи носат многу повеќе придобивки и олеснет живот, отколку ризици и опасности. Тие се незамислив дел од нашиот современ живот. Но, тоа воопшто не значи дека луѓето треба да бидат оставени сами на себе во овој дигитален свет, туку напротив дигиталната и медиумската писменост се особено важни и државата мора да инвестира во нив. Ако во минатото било многу важна вештина некоја друга, денес тоа се критичкото размислување, проверката на вестите и изворите итн.

И за крај, која е најголемата промена која сакате да ја видите од денес до прославувањето на Денот на Европа во 2027 година?

Најголемата промена која сакам да ја видам е кај генерациите помлади од мене. Сакам да видам дека за една година отсега, ќе сведочам за поголем број нови, оправдано самоуверени и образовани млади кои ќе бидат присутни во медиумскиот простор и ќе елаборираат за значењето на Денот на Европа. Сакам да видам дека во градинките, основните и средните училишта се говори за овој празник. Сакам да видам повеќе медиумски текстови за млади посветени на европските вредности, текстови во кои ќе се потсетиме дека Македонија е дел од Европа, географски, културолошки, историски, вредносно и цивилизациски. Чувството на припадност кое го нуди Европа е незаменливо и токму тоа е мојата водилка во она кое го работам и професионално и приватно.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *