Оваа зима многу граѓани кои се греат на пелети се соочуваат со непријатни изненадувања. Дел од домаќинствата, надевајќи се на пониски цени, чекаа до последен момент за да набават огрев, но ги дочека празен магацин и нервоза. Побарувачката нагло порасна, додека понудата речиси исчезна. Од магацините низ земјава велат дека ваква навала одамна немало.

Камионите со пелети пристигнуваат, но не стигнуваат ни да се истоварат, бидејќи сè се резервира однапред. „Луѓето се јавуваат секој ден, бараат, резервираат, ние едноставно немаме што да им понудиме“, велат трговците.

Причината не е само зголемената побарувачка, туку и значителното ограничување на увозот. Традиционалните пазари во Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина се исцрпени, а дел од фабриките престанале со работа. Локалното производство во Македонија е ограничено – освен поголемото производство во кумановското Ранковце, постојат само неколку помали фабрики, кои не можат да го задоволат растечкиот интерес.

Цената на пелетите расте. Ако претходните години вреќа од 15 килограми чинеше околу 245 до 260 денари, сега се продава за околу 330 денари, а експертите предупредуваат дека цената ќе продолжи да расте поради зголемените трошоци за суровини, транспорт и енергија. Парадоксално, и тие суровини се увозни, што дополнително ја зголемува нестабилноста на пазарот.

Економските аналитичари истакнуваат дека секоја година сценариото е слично: расте побарувачката, домаќинствата се навикнуваат, но џебот страда. Сè повеќе граѓани се загрижени дека кризата со пелетите може да ги натера да се вратат на помалку ефикасни и поскапи извори на греење – а зимата сè уште е во својот почеток.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *