Програмата Erasmus+ за многу млади претставува прва можност да стекнат меѓународно искуство, да развијат нови вештини и да изградат контакти што можат да имаат значајна улога во нивната професионална иднина. Во време кога пазарот на трудот станува сè поконкурентен, ваквите можности добиваат дополнително значење, особено за младите кои сакаат да ги прошират своите хоризонти и да стекнат знаења надвор од традиционалниот образовен систем. Но колку ваквите искуства навистина влијаат врз кариерата и дали македонските работодавци ги препознаваат нивните придобивки?

Во интервју за „24 Поглед“, Марио Паунов од Кочани, кој своето прво Erasmus+ искуство го стекнал во 2018 година, зборува за личниот развој, професионалните можности и потенцијалот на европските програми да придонесат за позитивни промени во Македонија. Преку сопствените искуства, тој открива со какви предизвици се соочуваат младите, кои вештини се најважни за нивниот напредок и зошто меѓународната соработка може да биде значаен чекор кон успешна професионална иднина. Посебен акцент става на разликите во можностите што им се нудат на младите во Македонија и нивните европски врсници, но и на важноста стекнатото знаење и искуство да се искористат за развој на локалната заедница.

Марио, зад себе имаш бројни меѓународни искуства преку програмата Erasmus+. Како започна твојата приказна со оваа програма и колку првото учество го промени твојот поглед кон можностите за личен и професионален развој?

Мојата приказна со програмата Erasmus+ започна во 2018 година, кога имав можност да учествувам на мојот прв проект во Вилниус, Литванија. Како млад човек кој за првпат се соочуваше со ваков тип меѓународна соработка, ова искуство беше вистинска пресвртница за мене. Одеднаш се најдов во средина каде што се надминуваа културните бариери и каде што сфатив дека, без разлика од која земја доаѓаме, со младите луѓе од цела Европа споделуваме исти визии, вредности и амбиции за личен напредок.

Тоа прво учество во Вилниус целосно го трансформира мојот поглед кон можностите за личен и професионален развој. На личен план, престојот во Литванија ми ја даде потребната самодоверба, ме научи на отвореност кон другите култури и ми покажа како успешно да излезам од сопствената зона на комфор. На професионален план, пак, ми ги отвори очите за моќта на неформалното образование, тимската работа во интеркултурна средина и меѓународното вмрежување. Токму тој проект во 2018 година ми помогна да го развијам критичкото размислување и ми даде силен поттик да продолжам да ги користам овие можности за понатамошно градење на мојот кариерен пат.

Erasmus+ често се поврзува со патувања и запознавање нови култури, но неговото значење е многу пошироко. Кои вештини и искуства ги стекна преку овие проекти и колку ти помогнаа во градењето на сопствената кариера?

Патувањето во прекрасни земји и запознавањето нови култури се најатрактивниот дел од Erasmus+, но вистинската вредност лежи во развојот на таканаречените меки вештини (soft skills), кои ретко се стекнуваат преку класичното образование. Преку овие проекти научив како да работам во мултикултурни тимови, да се приспособувам на брзи промени и да комуницирам со луѓе од различни профили. Сакам овде особено да го истакнам развојот на моите комуникациски вештини и самодовербата што ја стекнав за идните јавни настапи и презентации.

Во кариерата, ова ми помогна многу побрзо да се снаоѓам во професионални средини, да не се плашам од предизвици и да размислувам критички. Erasmus+ ми даде самодоверба дека можам да се справам со секоја задача, без разлика колку ми е непозната средината.

Денес работодавците сè повеќе ги ценат комуникациските способности, самостојноста и меѓународното искуство. Дали сметаш дека учеството во Erasmus+ може да биде значајна предност при вработување и колку македонските компании го препознаваат тоа?

Апсолутно да. Учеството во вакви проекти покажува дека сте личност која излегува од својата зона на комфор, има иницијатива и веќе поседува меѓународно искуство. Што се однесува до македонските компании, перцепцијата се менува во позитивна насока.

Прогресивните и меѓународните компании кај нас веднаш го препознаваат ова како голема предност, бидејќи знаат дека кандидатот веќе има развиени комуникациски вештини и самостојност. Кај некои потрадиционални компании сè уште треба дополнително да се објасни вредноста на овие проекти во професионалната биографија (CV), но трендот е одличен и Erasmus+ дефинитивно ве издвојува од останатите кандидати во процесот на селекција.

Преку меѓународните проекти си имал можност да запознаеш млади луѓе од различни европски земји. Какви разлики забележуваш меѓу младите во Македонија и нивните европски врсници?

Главната разлика што ја забележав не е во потенцијалот или интелигенцијата. Младите во Македонија се исклучително паметни и талентирани. Разликата почесто е во пристапот до информации и поддршката од системот. Европските врсници честопати се посамостојни уште од порана возраст и имаат поголема храброст да ризикуваат, бидејќи живеат во средини што нудат повеќе ресурси.

Сепак, токму преку Erasmus+ таа граница брзо се брише. Младите од Македонија кои учествуваат во овие размени покажуваат дури и поголема мотивираност и желба за успех, бидејќи многу повеќе ги ценат можностите што им се нудат.

Една од придобивките на Erasmus+ е создавањето меѓународни контакти и долгорочни пријателства. Колку ваквите познанства можат да прераснат во професионални соработки и дали тебе лично ти отвориле нови можности?

Тие контакти се веројатно највредниот ресурс што останува по завршувањето на проектот. Кога поминувате една интензивна недела со луѓе од цела Европа, создавате доверба многу побрзо отколку во вообичаени деловни околности. Тие пријателства многу лесно прераснуваат во професионални мрежи, бидејќи сите тие млади луѓе во иднина стануваат претприемачи, проектни менаџери или лидери во своите земји.

Мене лично овие познанства ми отворија многу врати. Токму на тој начин започнав да работам и како предавач на овие проекти, но и како официјален претставник на организацијата задолжен за пронаоѓање нови партнерски организации за соработка. Преку овие контакти добивав покани за нови меѓународни проекти, совети за работа и образование во странство, па дури и идеи за заеднички иницијативи и партнерства. Денес имам пријатели и соработници низ цела Европа на кои можам да се потпрам во секое време.

И покрај бројните можности, многу млади во Македонија сè уште не се охрабруваат да аплицираат за Erasmus+ проекти. Кои се најголемите пречки според тебе и дали младите од помалите градови, како Кочани, имаат еднаков пристап до овие програми?

Најголемите пречки најчесто се недоволната информираност, јазичната бариера, односно стравот од зборување на англиски јазик, како и личната несигурност кај младите околу тоа дали ќе се снајдат во странство. Во однос на децентрализацијата, реалноста е дека младите од помалите градови, како Кочани, се соочуваат со поголеми предизвици. Повеќето младински организации што ги спроведуваат овие проекти се лоцирани во Скопје, па информациите потешко стигнуваат до помалите места. Иако формално-правно пристапот е еднаков за сите, она што ни е потребно се поинтензивни локални информативни кампањи и организирање информативни денови во помалите градови, со цел младите да сфатат дека овие можности им се на дофат.

Македонија со години се соочува со заминување на младите во странство во потрага по подобри можности. Дали Erasmus+ дополнително ја поттикнува желбата за иселување или може да ги мотивира младите стекнатото европско искуство да го применат во сопствената земја?

Ова е многу често прашање, но јас цврсто верувам дека Erasmus+ всушност мотивира за промени дома. По секој завршен проект, националните тимови имаат обврска да организираат настан или активност во својата држава како форма на дисеминација, преку која ќе ја запознаат својата околина со програмата Erasmus+ и ќе поттикнат самоиницијативност кај младите за позитивни промени.

Јас во неколку наврати организирав настани во кочанската гимназија по завршувањето на проектите, главно во форма на информативни сесии, со цел да се поттикнат што е можно повеќе млади од Кочани да се вклучат во вакви активности.

Наместо „одлив на мозоци“, оваа програма нуди „циркулација на знаење и искуства“. Кога ќе видите како функционираат работите во Европа, добивате инспирација и желба да пренесете добри практики тука, да отворите сопствен бизнис, да основате организација или да подобрите нешто во својата локална заедница.

8. По сите меѓународни проекти, патувања и искуства што си ги стекнал, како денес гледаш на влијанието на Erasmus+ врз твојот живот и професионален развој? Што би им порачал на младите кои сакаат да учествуваат, но сè уште се двоумат?

За мене лично, Erasmus+ беше вистинска пресвртница. Ме претвори од пасивен набљудувач во активен граѓанин или, со денешен речник, од „ќаци“ во студент.

На професионален план, ми ги отвори вратите за многу соработки, ми ја збогати професионалната биографија со релевантни вештини и ми помогна да се изградам како флексибилна личност. На сите млади кои се двоумат или имаат страв, би им порачал само едно: аплицирајте веднаш!

Исто така, упатувам апел до сите млади кои сакаат да учествуваат во вакви или слични проекти да ме контактираат. Со задоволство ќе ги упатам кон моите соработници и пријатели од невладините организации.

Најпријатно искуство и соработка имав со невладината организација „Youth on Board“ од Штип, но секако и сите останати организации со кои сум соработувал се професионални и одлично организирани, па топло ви ги препорачувам.

Искуството, пријателствата и лекциите што ќе ги добиете во странство засекогаш ќе ви го променат погледот кон светот. Времето е вредност што не можеме да ја вратиме, задржиме или зачуваме, па затоа ве охрабрувам да ги искористите можностите што ви се нудат. Не дозволувајте времето да поминува, а вашиот потенцијал да остане неискористен. Бидете храбри, направете го првиот чекор и искористете ја секоја можност што може да ви отвори нови перспективи за личен и професионален развој.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *