На прв поглед изгледа како некој намерно да го испланирал секој детаљ. Долг плоштад, пастелни фасади, богато украсени куќи и аркади што се протегаат една до друга создаваат речиси совршена архитектонска целина. Но зад препознатливиот изглед на чешкиот град Телч се крие сосема поинаква приказна.

Наместо строг урбанистички план според кој сите куќи требало да изгледаат складно, голем дел од денешната убавина на градот произлегла од нешто многу почовечко – желбата на сопствениците да покажат дека нивната куќа е поубава и пораскошна од онаа на соседот.

Токму тоа старо натпреварување во статус и богатство со векови подоцна му оставило на Телч едно од најпрепознатливите градски јадра во Чешка.

Главната атракција е плоштадот „Захаријаш од Храдец“, долг простор опкружен со редови ренесансни и барокни куќи. Нивните фасади се обоени во различни пастелни тонови, а високите украсени забати и аркадите создаваат впечаток дека посетителот влегол во сценографија на историски филм.

Секоја куќа има свој карактер.

И токму тоа е дел од привлечноста на Телч. Наместо идентични градби, тука се гледаат фасади со различни украси и архитектонски решенија, иако заедно создаваат необично хармонична целина.

Некогашните сопственици сакале нивниот дом да остави посилен впечаток од соседниот. Ако еден изградил раскошен забат, другиот се обидувал својот дополнително да го украси. Фасадата станала начин да се покаже богатството и општествениот статус на семејството.

Колку било важно да се остави впечаток покажуваат и самите градби. Зад дел од монументалните и богато декорирани фасади се наоѓаат значително пониски покриви. Тоа покажува дека украсните делови не биле создадени само од практични причини – тие требало да бидат видени.

Она што некогаш било соседско натпреварување денес е туристичко богатство.

Историскиот центар на Телч во 1992 година бил впишан на листата на светско наследство на УНЕСКО, со што неговата архитектонска и историска вредност добила меѓународно признание.

Но денешниот изглед на градот не бил создаден одеднаш.

Телч се споменува во историските документи уште во првата половина на 14 век. Населбата се развивала околу голем пазарен плоштад со издолжена, речиси триаголна форма, а градот бил заштитен со камени ѕидини и систем од езера.

Во почетокот куќите биле далеку поскромни од оние што денес ги фотографираат туристите.

Голем дел од нив биле изградени од дрво, што претставувало огромен ризик во време кога пожарите можеле за неколку часа да уништат цели градски квартови.

Токму тоа му се случило на Телч во 1386 година.

Голем пожар ја уништил западната половина од плоштадот, а меѓу оштетените објекти биле и црквата и градската куќа. По катастрофата започнала обнова, а дрвените градби постепено биле заменувани со камени.

Но пожарите повторно ќе влијаат врз изгледот на градот. Во 1530 година уште еден пожар уништил дел од куќите на плоштадот.

Вистинската архитектонска трансформација, сепак, започнала неколку децении подоцна.

Во средината на 16 век Телч го презел Захаријаш од Храдец, богат благородник чие име денес го носи централниот градски плоштад.

Во 1551 година тој патувал во Италија заедно со други чешки благородници. Таму се запознал со ренесансната архитектура и уметност, кои во тој период веќе оставале силен печат врз италијанските градови.

По враќањето решил дел од тој стил да го пренесе и во Телч.

Стариот готски замок почнал да се преобразува во раскошна ренесансна резиденција, а за работата биле ангажирани и италијански мајстори.

Нивното влијание не останало ограничено само на замокот.

Знаењето и архитектонските идеи што ги донеле почнале да се применуваат и на куќите околу плоштадот. Старите готски градби постепено добивале ренесансни фасади, декоративни забати и препознатливи аркади.

Така започнало создавањето на Телч каков што денес го познаваат посетителите.

Приземните простории на куќите имале и практична улога. Таму се одвивала трговијата, работеле занаетчии и се продавала стока, додека зад нив се наоѓале станбените простории, дворовите и подрумите.

Со текот на времето архитектурата продолжила да се менува, а ренесансните елементи биле дополнувани со барокни детали.

Денес на плоштадот се наоѓаат и фонтани, барокен столб, градската куќа, цркви и објекти од некогашниот језуитски комплекс. Заедно со редот шарени куќи тие го создаваат изгледот по кој градот стана препознатлив.

Посебно место во историјата на Телч има и неговиот замок.

Некогашната готска тврдина била преобразена во ренесансна резиденција во времето на Захаријаш од Храдец. Интересен детал од неговата долга историја е што, според изворот, замокот никогаш не бил продаден.

Сопствениците се менувале преку наследување сè до 1945 година, кога имотот бил конфискуван од државата.

За денешниот посетител можеби најинтересно е што зад хармонијата на плоштадот не стоела идејата сите куќи да бидат исти.

Напротив, сопствениците сакале да бидат различни.

Секој сакал неговиот дом да привлече поголемо внимание, да изгледа пораскошно и да покаже дека семејството зад фасадата располага со богатство и влијание.

Така една стара борба за престиж создала нешто што нејзините учесници веројатно не можеле да го предвидат.

Векови подоцна, нивното натпреварување повеќе не се гледа како соседско докажување, туку како архитектонско наследство што привлекува посетители од различни делови на светот.

Она што некогаш било прашање кој ќе има поубава куќа денес е причината поради која Телч изгледа како град од бајка.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *