Три млади сестри од Германија за само неколку недели се најдоа меѓу најмладите милијардерки во Европа, откако го наследија уделот на нивниот покоен татко во познатата модна компанија New Yorker. Наследството не донесе само огромно богатство, туку и една од најголемите исплати на дивиденда во историјата на компанијата. Според податоците што ги пренесува Bloomberg, наследничките ова лето си исплатиле околу 1,4 милијарди евра дивиденда, и тоа помалку од еден месец откако официјално го презеле сопственичкиот удел што им го оставил нивниот татко Фридрих Кнап. Исплатата била одобрена на собранието на акционери одржано на 23 јули. Сестрите имаат меѓу 17 и 30 години и денес располагаат со огромен имот. Најстарата, Софи, веќе е вклучена во управувањето со компанијата, додека Флора е дел од надзорниот одбор. Третата сестра сè уште е малолетна, па нејзиниот сопственички удел го застапува Бернд Ерле, поранешен член на раководството на консултантската компанија KPMG. Врз основа на нивните сопственички удели и јавно објавените исплати, Bloomberg проценува дека богатството на трите наследнички достигнува најмалку 3,5 милијарди долари, односно околу три милијарди евра. Со тоа тие се вбројуваат меѓу најмладите милијардерки на европскиот континент. Станува збор за богатство создадено во модната индустрија од нивниот татко Фридрих Кнап, кој почина во ноември 2024 година. Тој беше еден од основачите на New Yorker и во периодот од 2016 до 2022 година си исплатил вкупно 683,6 милиони евра дивиденда. Сумата што сега им е исплатена на неговите ќерки е најголемата дивиденда што компанијата ја распределила од 2008 година, според податоците до кои дошол Bloomberg. Нејзиниот износ покажува колкава финансиска моќ има компанијата, но и колку значаен бил уделот што Кнап го оставил на своите наследнички. New Yorker денес има седиште во Брауншвајг, во северниот дел на Германија, и претставува еден од позначајните европски модни синџири. Компанијата минатата година остварила приходи од околу 3,6 милијарди евра, а нејзината мрежа брои приближно 1.300 продавници во повеќе земји. Приказната за брендот започнала во седумдесеттите години, кога компанијата работела под името Jeans Shop Number One. Во осумдесеттите години го добива името New Yorker, под кое постепено се шири надвор од германскиот пазар и се претвора во меѓународен моден бренд. Денес модната компанија е во сопственост на виенскиот холдинг FGK Vermögensverwaltungsgesellschaft. По смртта на Фридрих Кнап, неговиот удел преминал на неговите три ќерки, кои за многу кратко време од наследнички станаа директни сопственички на огромна деловна империја. На тој начин, трите сестри не само што наследија милијардерско богатство, туку речиси веднаш добија и една од најголемите дивиденди што некогаш ги исплатила нивната семејна компанија. Навигација на напис Митовите за продуктивноста во кои шефовите сè уште веруваат: Повеќе работа не значи и подобар резултат Дали наскоро ќе престанеме да чекаме човечки донор? Научниците имаат план