Финска сè повеќе се претвора во едно од клучните европски жаришта за развој на вештачката интелигенција, а најновата потврда за тоа доаѓа од „Гугл“, кој најави огромно проширување на својата инфраструктура во земјата. Американскиот технолошки гигант во следните две години планира да инвестира најмалку 13 милијарди евра, односно околу 15 милијарди долари, во дигитална инфраструктура, центри за податоци и проекти поврзани со чиста енергија. Станува збор за најголемата поединечна инвестиција на „Гугл“ во Европа досега. Средствата до 2028 година ќе бидат насочени кон проширување на капацитетите во Хамина, Кајани, Мухос и Ваала, како и кон развој на енергетската инфраструктура неопходна за функционирањето на новите центри за податоци. Новите капацитети ќе обезбедуваат инфраструктура за дел од најважните услуги на компанијата, вклучувајќи ја и платформата за вештачка интелигенција Gemini. Со тоа Финска не добива само нови објекти, туку станува дел од глобалната трка за изградба на инфраструктурата што ќе ја поддржува следната генерација на AI технологии. „Гугл“ во Финска е присутен повеќе од 15 години. Компанијата својата експанзија ја започна во 2009 година, кога купи поранешна фабрика за хартија во Хамина и ја претвори во центар за податоци. Оттогаш постепено ги зголемува вложувањата, а најновиот план претставува најголем чекор досега. Ефектот од инвестицијата би можел да се почувствува и многу пошироко од технолошкиот сектор. Според проценките на „Гугл“, проектот би можел да придонесува со околу 3,6 милијарди евра годишно во финскиот БДП и да поддржи повеќе од 37.000 работни места. Значаен дел од нив би бил поврзан со градежниот сектор, каде во текот на изградбата се очекува да бидат ангажирани околу 16.000 работници. Кога инфраструктурата ќе биде завршена, економскиот ефект би продолжил преку околу 7.000 работни места годишно. Тие не би се однесувале само на директно вработените во центрите за податоци, туку и на добавувачи на опрема и услуги и на локални компании кои ќе бидат вклучени во работењето на комплексите. Енергијата е еден од клучните делови на целата приказна. Огромните центри за податоци потребни за вештачката интелигенција трошат значителни количини електрична енергија, па затоа технолошките инвестиции мора да одат паралелно со развојот на енергетскиот систем. Во таа насока, „Гугл“ потпиша 22-годишен договор за купување електрична енергија со финската енергетска компанија „Фортум“. Компаниите планираат да соработуваат и на модели кои би можеле да ја подобрат економската исплатливост на потенцијалните нови нуклеарни реактори во Ловииса, во јужниот дел на земјата. Токму енергетската стабилност, заедно со климатските услови, е една од причините поради кои Финска станува сè попривлечна за компаниите што градат центри за податоци. Студената клима овозможува поефикасно ладење на опремата, додека земјата располага со значителни количини електрична енергија од нуклеарни, ветерни и хидроизвори. Во последно време интересот за Финска значително се зголемува. Компании од технолошкиот и енергетскиот сектор најавуваат нови центри за податоци со стотици мегавати капацитет, а се планираат и специјализирани инфраструктурни проекти за развој на вештачката интелигенција. Поради брзото ширење на индустријата, Финска во технолошките и инвестициските кругови веќе го добива прекарот „европски Тексас“. Според оценките на експертите, земјата успева да привлече инвеститори благодарение на комбинацијата од евтина и релативно стабилна енергија, студена клима, достапно земјиште и развиена дигитална инфраструктура. За финската влада, ваквите инвестиции доаѓаат во особено важен момент. Земјата се соочува со слабиот економски раст и висока невработеност, па големите технолошки проекти се гледаат како можност за создавање нови работни места и привлекување дополнителен капитал. Премиерот Петери Орпо оцени дека придобивките од развојот на дигиталната економија не се ограничуваат само на директната вредност на инвестициите. Според него, ваквите проекти можат да поттикнат истражување, иновации и развој на нови технологии. Со најновата инвестиција, „Гугл“ испраќа јасна порака дека Финска ја гледа како долгорочна база за својата европска технолошка инфраструктура. А за земјата, која некогаш беше позната пред сè по шумите, езерата и телекомуникациската индустрија, новата улога би можела да биде многу поголема: еден од главните европски центри за ерата на вештачката интелигенција. Post navigation Еве што треба да знаете од големиот настан на Apple: нов ајфон, нова ера и многу изненадувања Европа повторно станува магнет за инвеститорите: Каде се кријат најголемите можности?